Насловна / Вести / Ништо не треба да нè изненади како општество кое има ниско ниво на урбана свест

Ништо не треба да нè изненади како општество кое има ниско ниво на урбана свест

Најважен општествен процес кој игра и ќе одигра главна улога во Македонија, е процесот на урбанизација, политиката на управување со земјиштето и развојот на населбите. Под урбанизација се подразбира природната средина, претежно антропогената средина. Најважниот дел на антропогената средина на една територија е екосистемот (земја, вода и воздух), а населбите и градовите како концентрација на населението и активностите од инфраструктурен карактер треба да го обезбедуваат функционирањето на една територија и на мрежата на населби. Значењето на просорот за живот на еден народ е огромно, бидејќи тој простор обезбедува основни услови за функционирање. Политичката елита низ долгиот период на транзицијата во Македонија до денес, значењето на простор и поимот урбанизација за жал не ги сфати, ризикуваќи ја тој начин иднината на сопствената држава и на сопствениот народ.

По драматичниот распад на Југославија и формирањето на новата македонска држава, оптимистичкиот развој на градовите во Македонија во согласност со деликатната ситуација, почна да забавува, а потоа и запре. Во годините што следуваа укинати се станбените фондови, а домот стана потреба која треба да се решава како индивидуален проблем. Во однос на изградба на градови со станбени и други јавни објекти, кои имаат карактер на институционална инфраструктура, потребни се промени во постоечкиот политички систем, таканаречени архитектонски реформи во политичкиот систем, во согласност со потребите на новиот општествен процес. Индивидуалното градење за индивидуални потреби отсекогаш постои, но како последици од тоа почна да надвладува урбан хаос.

Screenshot 2024-01-29 144826

Општините имаат и архитекти и урбанисти, но за жал главните одлуки за урбанизација на просторот ги носат политички функционери наместо стручни лица. На такви важни функции именувани се членови на политички партии, а не квалификувани урбанисти. Во институциите на политичкиот систем кои имаат директен или индиректен допир со урбанизација на просторот и управување со земјиштето, функциите во министерствата ги извршуваат партиски личности, кои немаат никакви референции од областа на урбанизмот. За жал, ниту еден професионален урбанист на бил на чело на овие министерства.

Ниту интелектуалната елита во Македонија не го сфати значењето на просторот и неговите последици по урбанизацијата и деградацијата на урбаниот простор. Научните институции, за жал досега не издадоа соодветна монографија за градовите и селата во Македонија која може да се третира на стручно ниво и да се занимава со истражувачки целини на просторот што се од судбинско значење за државата. Експертите од областа на урбанизмот, а такви сè помалку има, останаа маргинализирани во тој процес, невладиниот сектор не постои кога е во прашање урбанизацијата, општините пливаат во финансиски долгови, а инвестициите за станови во малите општини се речиси нула.

2

Во законите за планирање на просторот треба да се предвиди функција главен урбанист. Треба да се формира институт за архитектура и урбанизам, како научна институција која ќе се занимава со планирање на просторот и урбанизација на населбите, која ќе има истражувачки карактер, без ограничување од државата и да се занимава само онолку колку што државата ќе процени дека истражувања од оваа област ѝ се потребни. Тоа треба да биде институт со долгорочни стратегии, кој ќе располага со квалификуван кадар и професионалци од различни профили од областа на архитектурата и урбанизмот и ќе има широка соработка со државните и со приватните факултети за архитектура, не само на територијата на Македононија туку и на соседните држави, за да се развие во регионален центар.

3_4H5A0437

Исто така треба да се формира дирекција за управување со земјиштето, урбанистичка политика која ќе биде основната задача на политичката елита како да се гради град и развој на градовите и населбите, која треба да биде во склоп со духот на европските модели. Формирањето на таква дирекција на чело со експерти и стручњаци од земјата, ако треба, а очигледно треба, и од странство ќе овозможи водење на современа урбанистичка политика. Ова подразбира сериозни промени во правниот и во политичкиот систем, за што политичката елита и голем број стручњаци и архитекти и урбанисти, за жал не се спремни на овој начин да ја променат структурата на урбаниот простор за од нестручен, непланиран урбанизам, урбанизмот да стане планиран.

Screenshot 2024-01-29 144043

Кога се работи за урбаниот развој во Македонија постојат безбројни проблеми и се почнува од политиката. Очигледно во последните триесетина години во Македонија постоеле многу погрешни процеси кога е во прашање урбанистичката политика. Еден од најважните политички проценки, кој е апсолутно погрешен, е уверувањето дека за занимавањето со урбанизам се доволни планери кои слепо ги слушаат инвеститорите и власта и заради тоа не се потребни никакви стручни и технички знаења и анализи и образование од областа на урбанизмот. Тоа сфаќање е директен израз на необразованост и примитивизам на нашата политичка елита, она не значи само создавање на судир помеѓу општата политика и урбанизмот и почитување на урбанизмот како наука, струка и пракса, туку како резултат на ваквото однесување негативните последици се долгорочни по изградбата и функционирањето на градот, што ќе траат со децении.

Оттука произлегува основната урбанистичка политика дека градот не е збир не сектори, туку голема социјална и техничка синтеза. Градот е сложен социјален и технички систем, потребен е прецизен, координиран, интердисциплинарен труд и организација во две хоризонтали: мора да се решаваат проблемите кои се појавуват денес, а истовремено мора да се мисли далеку во иднината за да може градот да функционира на одржлив начин.

0_4H5A0424

Покрај сите овие проблеми и многу други, уредувањето на просторот и на населбите е маргинализирано. Урбанизацијата во Македонија се наоѓа во хаос, имајќи предвид дека земјата, особено градот Скопје, сè уште немаат домаќин, професионален урбанист, стручен, со богато научно истражување од областа на урбанизмот.

Помеѓу Исток и Запад Македонија со децении веќе е определена за Запад, а нејзината политичка елита постојано зборува дека местото на Македонија е во Европската Унија. Додека во реалноста се одвиваат неконтролирани ретроградни процеси, кои по своја суштина значат нова ориентализација на Македонија, и тоа како резултат на дејствувањето на правниот и на политичкиот систем, кои се апсолутно непросветени за уредувањето и планирањето на просторот.

За земјите што имаат развиени урбани општества, најважен елемент е урбаната политика. Тоа е огромна материја по значење, обем и по последиците што произлегуваат. Праксата во Македонија покажува дека земјата уште не е дорасната за важни архитектонски промени во правниот и во политичкиот систем за да може да тргне во Европа во доменот на урбанизацијата, уредувањето на просторот и развојот на населбите, каде што има малку политика и повеќе струка.

1

Градската управа треба да има рационален однос кон просторот, бидејќи во тој простор функционира државата и живее народот, тој простор треба да се уреди според потребата на човекот како единка и општеството како колектив, најрационално, со минимални трошоци на енергија и пари. Во процесот на изградба на населбите и урбанизација во градовите во Македонија функционира урбан хаос.

Затоа ништо не треба да нè изненади како општество кое има ниско ниво на урбана свест, но ние веројатно еден ден ќе сфатиме што треба да направиме и како треба да се однесуваме кон просторот, а тоа да не биде на наша штета, тогаш многу време ќе помине и многу нешта во македонските градови, села и во главниот град Скопје ќе бидат урбанистички деградирани и ќе биде невозможно да се повратат долг временски период, а веројатно и засекогаш.

IMG_20230512_151716

Околу убанизацијата на просторот постои уште едно крупно прашање на кое немаме одговор. Дали денес, кога сепак се воведе капитализам, градовите и општините во Македонија треба да бидат капиталистички и ако треба, како да се оствари тоа. Треба да се изгради механизам за управување на градовите и селата и капитализација на земјиштето. Потребно е да се излезе од најпримитивниот облик на урбаната организација на просторот.

Патот за Европа подразбира урбанизација и уредување на просторот и на населбите и образование, кои ќе имаат позитивен ефект со совети на европски начин. За повторна европеизација на урбанизмот во Македонија потребна е нова политика за урбанизација. Тоа е голема задача која може да ја оствари само вистински европеизирана политичка елита, а не вршители на должност.

Автор: проф. д-р Мумен АБУАРКУБ,  дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top