На 18 јануари 2024 година Кралскиот институт на британските архитекти го објави овогодишниот добитник на Кралскиот златен медал професорката – Лесли Наа Норле Локо (1964), Ганско-шкотска архитектка, едукаторка и новелистка. Родена во Данди, Шкотска, како ќерка на хирург од Гана и мајка Шкотланѓанка со еврејско потекло, таа израснала главно во Гана и во Шкотска. Своето високо образование го одпочнала на Универзитетот во Оксфорд каде студирала Хибру и Арапски, но ги напуштила студиите за да замине во САД. Со архитектонско образование се стекнала на Бартлетовата школа за архитектура при Универзитетскиот колеџ во Лондон каде дипломирала во 1992 година и магистрирала во 1995 година, а потоа се стекнала и со докторат на Универзитетот во Лондон во 2007 година.
Со овогодишниот Кралски златен медал ѝ се оддава признание на проф. Локо за нејзината посветеност кон залагањата за различни пристапи кон архитектонската практика и образование. Таа повеќе од две децении се посветила на потенцирање на помалку застапените лица и на испитување на комплексните односи помеѓу архитектурата, идентитетот и нивното длабоко влијание на архитектонското образование, дијалог и диксурс.
Во 2021 година проф. Локо го основала Институтот африкански иднини во Акра, Гана, со желба истиот да стане нов модел за образование, истражување и јавен дијалог кој ги обединува уметностите, хуманистичките и природните науки. Претходно таа предавала низ светот и ги сменила рамките на студиските програми за архитектура за тие да се демократизираат, деколонизираат и за да се унапреди архитектонското образование. Во оваа смисла како нејзини најзначајни претходни активности се сметаат дека таа била основач и директор на Постдипломската школа за архитектура на Универзитетот во Јоханесбург, Јужна Африка и декан на Бернард и Ани Спитзер школата за архитектура при Сити колеџот на Њујорк, САД.
Во 2023 година таа била наградена со одликувањето Офицер на најодличниот ред на Британската Империја (ОБЕ) за придонес кон архитектурата и образованието, којшто се доделува како награда за придонесот кон уметностите и науките, работа со добротворни и организации за подобрување на благосостојбата и јавните служби, но надвор од оние државните. Истата година таа била назначена и за куратор на 18. Венецијанско биенале на архитектурата под наслов „Лабораторија на иднината“ кое ги обработуваше темите на декарбонизација и деколонизација низ призмата на Африка. Ова било по прв пат во историјата на биеналето лице со потекло од Африка да е назначено за куратор на истото. Во 2020 година таа била добитник на Ани Спинк наградата на Кралскиот институт на британските архитекти за нејзиниот исклучителен придонес кон архитектонското образование.
Како писател и уредник проф. Локо редовно пишува за списанието Архитектонска ревија, уредува книги, главен уредник е на ФОЛИО: Журнал за современа африканска архитектура, член е на Редакцискиот одбор на журналот Еи-Ар-Кју (Кембриџ) и уредник на серии во Дизајн истражување во архитектурата (Универзити колеџ Лондон Прес). Исто така таа од 2004 година досега има публикувано 13 новели, и придонела со есеј во антологијата „Новите ќерки на Африка“ уреден од Маргарет Басби.
Пред да ја основа Постдипломската школа за архитектура при Универзитетот во Јоханесбург во Јужна Африка, проф. Локо предавала архитектура низ светот. Така од 1997 до 1998 година била доцент по архитектура на Државниот универзитет во Ајова, а од 1998 до 2000 година на Универзитетот Илиноис во Чикаго, за во 2000 година да стане Мартин Лутер Кинг гостувачка професорка по архитектура на Универзитетот во Мичиген. По враќањето во Велика Британија таа предавала архитектура на Кингстон универзитетот, на Универзитетот Северен Лондон, а и на Универзитетот во Вестминстер, каде ги воспоставила магистерските студии по архитектура, културен идентитет и глобализација пред да е назначена за гостувачки африкански научник на Универзитетот во Кејп Таун по нејзиното враќање во Јужна Африка.
За претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти Мујива Оки, станува збор за „Голем шампион за еднаквост и вклученост во сите апекти на животот, прогресивниот пристап кон архитектонското образование на Лесли Локо нуди надеж за иднината – професија која им посакува добре дојде на оние од сите сфери на животот, ги согледува потребите на нашата средина, и го препознава широкиот дијапазон на култури и перспективи. Како визионерски предизвикувач на промени, Лесли го посветила својот живот на застапување на овие вредности, но не само низ академски напори, туку и преку нејзиното творештво како автор и куратор. Таа останува скромна револуционерна сила, со нејзината амбиција и оптимизам да впише трајно обележје на глобалната архитектонска сцена.“
За добитничката, наградата: „Дојде како изненадување за мене, не беше очекувано. Јас сум почестена да бидам земена предвид покрај некои од големите минати добитници на Кралскиот златен медал. Иако ова е лична награда, ова не е само личен триумф, ова е сведоштво за луѓето и за организациите со коишто јас имам работено, а кои ги споделуваат моите цели. Јас дојдов во архитектурата во потрага по сигурни работи, барајќи одговори. Наместо тоа, јас најдов прашања и можности, исклучително побогати, поинтересни и поемпатични начини да се интерпретира и обликува светот. Архитектурата ми го даде мојот јазик, во сите негови форми – визуелна, пишана, изградена, изведена – и тој јазик, за возврат ми даде таква надеж.“
Кралскиот златен медал за архитектура официјално ќе ѝ биде предаден на проф. Локо на 2 мај 2024 година во Лондон. Овој медал континуирано се доделува од 1848 година со исклучок на 1901 и 1924 година кога медали не биле доделени. Кралскиот златен медал се доделува како признание на животното творештво на лице или на група на лица коишто имале значајно влијание, директно или индиректно за напредокот на архитектурата.
Проф. Локо е трета жена самостоен добитник на медалот по дамата Заха Хадид во 2016 година и првата жена архитект во Пакистан Јасмин Лари во 2023 година. Истовремено, проф. Локо е првата жена добитник на медалот со потекло од Африка. Според резултатите од изминатите неколку години се чини дека оваа деценија може да биде декада на разноликост и на жената по доделувањето на Кралскиот златен медал за архитектура на Сер Давид Аџаје од Велика Британија и од Гана во 2021 година, на архитектот Балкришна Витхалдас Доши од Индија во 2022 година, на архитектката Јасмин Лари од Пакистан во 2023 и на професорката Лесли Локо од Гана и од Шкотска оваа 2024 година.
*Текстот е поддржан од поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија