Стан во центарот на Софија, со површина од 80 квадратни метри, е трансформиран на начин што целосно ги следи уметничките афинитети на сопственикот, смело играјќи си со интензивнии бои, форми и нагласени контрасти. RE Design Studio и дизајнерот на ентериер Румен Евстатиев создале автентичен ентериер, во кој подеднакво е видлив нивниот авторски печат како и стилот на сопственикот.
Трансформација во уметничко дело, со разиграни бои и форми, со иконични парчиња мебел
Најголемиот предизвик при реновирањето на станот било поврзувањето на малите простории и создавањето отворен, мултифункционален простор.
Најголемата просторија, дневната соба, добила можност за преградување по потреба, благодарение на транспарентните лизгачки врати, со што се добива одвоен работен простор.
Во станот веднаш се препознаваат бројните иконичи модели на познати дизајнери и брендови, како и уметнички дела од личната колекција на сопственикот, хармонично вклопени во еклектичен уметнички амбиент.
Контрастните бои, претежно сината палета и текстурите во дневната соба даваат релаксирачко чувство, а флуидната форма на софата поканува на одмор од забрзаното секојдневие.
Ентериерот е внимателно и доследно дизајниран до најситните детали, без да се изгуби од вид функционалноста и практичноста на просторот.
Дневната соба е со отворен план, а во склоп се кујната и трпезаријата во живи, топли бои и разиграни заоблени форми.
Внимателно дизајнирани детали и функција што го следи уметничкиот израз
Со само еден потег, кујната се затвора со бели панели, при што се кријат кујнските кабинети и апарати.
Играта со волумени и форми се пренесува и во воздухот преку неонската ламба над трпезариската маса.
Главната спална соба пружа удобен простор за одмор и доволно простор за гардеробирање. Уметничкото изразување е засилено со ефективно осветлување.
Посебно интересен детал се крие во бањата. Ефектот на пресијување на стаклото прави боите да изгледаат различно во зависност од аголот од кој се гледа, налик на меур од сапуница.
Овој ентериер, како апстрактно уметничко дело, е одраз на личноста на сопственикот, но во исто време е отворен за различни толкувања и искуства. Живописниот амбиент раскажува своја приказна, создавајќи уникатна сценографија за секојдневни животни епизоди.