Сликата „Бакнеж“ на Густав Климт секако е едно од најпознатите уметнички дела на 20. век. Се верува дека доколку некогаш се продаде, би била најскапата слика во светот. Речиси и да нема слика за која толку многу е пишувано, една е од оние што се најмногу презентирани и коментирани на сите достапни медиумски начини, и која е толку многу користена во гаџет индустријата.
Густав Климт (1862-1918) е австриски сликар со симболичка ориентација и еден од основачите на виенската сецесија. Неговиот опус е голем и опфаќа дела од речиси сите уметнички дисциплини, од кои неговите слики, мурали, цртежи, но и дела од применетата уметност и се најпознати на пошироката јавност. Она што е карактеристично за Климт е неговата недвосмислена препознатливост – без разлика кои негови дела ќе ги видиме, секогаш ќе знаеме дека тоа е Климт.
Неговиот татко Ернест Климт бил гравер и златар, што имало пресудно влијание врз него, па на 14-годишна возраст се запишал на Школата за применета уметност во Виена. Од самите почетоци неговото творештво го одбележале три уметнички мотиви: женското тело, еротиката и орнаментот, и тие три мотиви, што и да правел, ќе го следат до крајот на животот. Кариерата ја започнал работејќи на мурали, од кои првиот е сликањето на фоајето на Уметничко – историскиот музеј во Виена.
Кога во 1894. година му било понудено да направи три слики за касетираниот таван на големата сала на Универзитетот во Виена, Климт се одлучил за овие тематски целини: Филозофија, Медицина и Право. По завршувањето на работата, надлежната комисија била шокирана, а насликаното го окарактеризирала како многу радикално, поточно како „порнографско и изопачено“. Сликите се отстранети, а Климт го вратил хонорарот добиен за нив.
Во 1900 година, уметникот Филозофија ја изложил на 7. изложба на виенската сецесија и за неа добил големи пофалби, но и покрај спротивставената петиција на 87 виенски професори, Медицина била изложена на Светската изложба во Париз, а Климт за неа добил златен медал. Поради реакциите што ги доживеал, одлучил никогаш повеќе да не работи по нарачки за јавни институции, но преживеал и период на лична резигнација и сомневање во себе. Сите три поменати слики германските нацисти ги уништиле во мај 1945. година.
Во 1902 година, Климт го изложил делото „Бетовеновиот фриз“ на 14. изложба на виенската сецесија, а делото било проследено со пофалби од уметничката јавност. Станува збор за монументален фриз насликан на ѕидот со димензии 2,15 x 34 метри. Изложен е во зградата Сецесија во Виена.
Основно за сликата „Бакнеж“
Сликата „Бакнежот“ (Der Kuß) е создадена помеѓу 1907. и 1908. година. Работена е во техника масло на платно, со додатоци од златни и сребрени листови, со употреба на смола. Нејзините димензии се 180 x 180 сантиметри.Изложена е во галеријата на музејот Белведере во Виена. Галеријата ја купила сликата уште првиот ден кога била изложена, за 25.000 круни, што денес би било околу 250.000 долари, и тогаш била најскапа слика платена во Австрија. „Бакнеж“ без сомнение е ремек-дело на раната модерна уметност на 20. век и е неоспорен симбол на виенскиот Југендстил, односно уметничкиот правец Арт Нову.
Климт сликата ја изложил во 1908 година на изложба на портрети во Виена, а во тоа време била насловена „Љубовници“. Не била сосема завршена, но предизвикала огромно внимание, бидејќи го претставувала врвот на „златната фаза“ на Климт, буквално златна, бидејќи на неа комбинирал стандардни маслени бои, бронзени нијанси и листови од злато (благодарение на занаетот што го научил од својот татко). Интересно е да се напомене дека оттогаш сликата никогаш не била подложена на технички, „научен“ (ренген) преглед, ниту пак некогаш била рестаурирана, бидејќи немало потреба од такви третмани.
Најверојатната приказна
Воопшто не треба да се земаат предвид шпекулациите дека „Бакнеж“ ги претставува Аполон и Дафне, или Орфеј и Евридика. Затоа, на прашањето: „Што се крие зад платното?“, можен е само овој одговор –Климт со „Бакнеж“ ја претставил својата романтична/еротска врска со Емили Луиз Флеге, со која бил во дваесетгодишна врска. Наводно, тој го изговорил нејзиното име на смртната постела, а факт е дека на бројни скици за сликата било испишано нејзиното име. Емили Флеге (1874-1952) била моден дизајнер и успешна деловна жена, иако не оставила некој посебен уметнички белег во историјата на модата. Била муза на Климт и негова придружничка во нивниот заеднички боемски живот.
За „Бакнеж“
„Бакнеж“ прикажува маж и жена на работ на некоја карпа (можеби над езеро), покриена со цвеќиња и нежен жолт ползавец што се обвиткува околу нозете на жената. Жената клечи, мажот ја поддржува со левата рака, додека со десната ја допира по лицето. Жената го прегрнува со својата десна рака, додека левата и е на неговата десна. Потемната нијанса на тенот на мажот, а посветлата на жената, го раздвојуваат и истакнуваат нивниот пол.
Нивните припиени тела не ги разграничуваат јасни линии, па изгледаат како една аморфна форма. Тие двајца се навистина едно, што е идеалот на секој заљубен пар. Сепак, голите делови од телото, нивните глави, а особено орнаментите на нивната облеката, му овозможуваат на набљудувачот совршено да ги разликува мажот и жената, и да сфати и почувствува во кое расположение се моментално и во кој однос. Жената мижи со искривена глава, и чека она што ќе се случи наскоро – машки бакнеж, за кој тој е повеќе од подготвен.
Мажот во црната коса има венец од зелени лисја; жената во црвената коса има венец од цвеќиња. Зелените листови би можеле да бидат и ловор, но и винова лоза, а и едното и другото се симболи на (над)моќ, победа и, воопшто, благородна мажественост. Цвеќето е симбол на плодноста, но и на раскошот на женската убавина. И повеќе од тоа – жената клечи на цвеќето, односно на земја и со тоа е во директна врска со „мајката природа“. Жолтиот ползавец околу нејзините нозе веројатно е само тоа, но се наметнува и асоцијација дека тоа би можело да биде Лилит, односно змијата што ја завела Ева во првобитниот рај.
Во ликовна, па и во суштинска смисла, најважна е – нивната облека. Покрај тоа што е раскошна, геометриските форми на орнаментите ја започнуваат, нагласуваат и визуелно ја комплетираат нивната љубовна приказна. Машката облека е целата изработена од остри правоаголни орнаменти, главно црни, бели и сиви, кои ги навестуваат и истакнуваат примарните форми и карактеристики на машкото тело. Облеката на жената е направена од меки, кружни и спирални повеќебојни орнаменти, што се заедно асоцира на волумените на женското тело. Кружните форми се симбол на емоции и чувствителност, правилните геометриски се симбол на разумот и промислената одлучност.
Примарните бои во главната композиција на сликата се зелена и жолта, додека во позадина доминираат бронза, окер и златна. Всушност, аплицираните златни фолии се она што ја карактеризира атмосферата на сликата. А за да ја добие таа атмосфера, Климт користел и скапа смола, со што постигнал различни нијанси и контрасти, се со цел во позадина да ја добие – бојата на Универзумот.
Во 1903 година, Климт патувал низ Италија, и во Равена, во базиликата Сан Витале, видел византиски мозаици и на нив обилна употреба на злато, што го одбележало неговото сликарство, особено сликата „Бакнеж“. Покрај тоа, сликата е дводимензионална, без длабочина/перспектива, што е карактеристика на византиското сликарство. Композицијата на целата слика е исклучително ликовно решение на Климт. Имено, кога сликата би била поделена на половина по вертикала, левата половина би била целосно апстрактна, додека на десната половина би доминирала јасна фигурација.
Маж и жена се на работ на бездна (можеби над некое езеро). Но, со положбата на жената која клечи, и положбата на мажот што ја држи жената во силна прегратка, тие се безбедно приземјени. Зад нив е златниот хоризонт, зад нив е Универзумот. Тие двајца се микрокосмос (доволен сам на себе), во макрокосмосот (кој исто така е доволен на самиот себе). Само се чека – спојување! Се чека конечно да се случи тој бакнеж. И така 116 години!