Со свечено отворање, на 14 јуни (сабота) во 9 часот, ќе биде осветен новиот црковен храм „Свети Јован Крстител“ во општина Аеродром, Скопје, изграден со донација на градежната компанија „Адора Инженеринг“ и ктиторот проф. д-р Ванчо Чифлиганец.
Осветувањето ќе го изврши поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан со митрополитите: брегалнички г. Иларион, тетовско-гостиварски г. Јосиф, кумановско-осоговски г. Јосиф, епископот Хераклејски г. Климент и повеќе свештеници на МПЦ, во присуство на ктиторот д-р Чифлиганец, градоначалници, претставници на државните институции, бизнис личности и голем број православни верници и граѓани на Скопје и Македонија.
Новиот храм „Свети Јован Крстител“, кој две години се градеше на атрактивна локација, во паркот со авион во општина Аеродром, на кејот на реката Вардар, е петкуполна црква со специфична, древна архитектура, а во комплексот има камбанарија, фонтана и парк.
Свеченото отворање на црковниот храм „Свети Јован Крстител“ во општина Аеродром, Скопје, на што се поканети сите граѓани на Македонија, ќе биде збогатено со културно уметничка програма со настапи на познати имиња од црковната, народната и забавната музика.