„Mojот живот е воден од итна потреба да лутам и набљудувамам, a мојата камера е мојот пасош.“, Steve McCurry
Беше тоа една од оние убави топли ноќи и небо полно се ѕвезди. Сакам да го гледам и да се изгубам во неговата убавина и мистерија. Ме носат мислите кон некои непознати и неоткриени светови. Гледам во ноќта и си замислувам многу работи кои би сакал да ги правам, многу места кои би сакал да ги посетам, многу луѓе кои би сакал да ги запознаам или да се тука покрај мене! Ѕвездената ноќ ме поттикнува да ги следам своите соништа и да пробам да ги остварам.
Гледајќи угоре, во ноќното небо, вниманието ми го привлекуваат оние поголемите и посветлите ѕвезди. Но, чувствувам дека без оние помалите и подалечни таа глетка не би била така воодушевувачка, затоа што сета таа разновидност пружа неповторливо доживување на вселената. Можеби тие мали ѕвезди, на кои не им ги знаеме имињата, се всушност поголеми од оние познатите кои често ги гледаме, затоа што се многу подалеку.
Така е и со фотографите кои вложиле многу труд во својата работа да остават трага во времето и просторот, да ги забележат моментите кои исчезнуваат и кои со својот објектив ја овековечуваат неповторливата убавина на нашиот свет. Како и ѕвездите и тие се разликуваат по својата големина, по својот талент. Некои оставаат поголема трага, некои помала. И во една таква ѕвездена ноќ, мислите ми одлетаа кон Африка и кон мојата пријателка Билјана.
Билјана Јуруковски е позната македонско-австралиска фотографка. Пишувајќи за неа, не можам тука да ги опишам нејзините внатрешни драми, емоции, мисли од нејзините фотографски патувања; ќе се обидам да ви прикажам само мал дел од нејзиниот фотографски опус и од нејзината работа. Нејзините уметнички патувања ја однеле во различни делови на светот, каде што фотографира ретко посетени човечки заедници.
Како жена која фотографира, Билјана бестрашно пробива многу бариери и прави потфати на територија во која традиционално доминираат мажите. Решителноста да ги помести границите на фотографскиот занает ѝ донесоа многу интернационални признанија и бројни награди. Можеби најрелевантната е што овие фотографии инспирираат кај многумина чувства од кои не ни е доста.
Гледајќи го нејзиниот фотографски опус, се чувствува нејзината поврзаност со луѓето и со животните што го населуваат светот околу нас, како и нејзината благодарност за раскошот што постои насекаде на планетата Земја, особено за нејзината љубов, Африка. „За фотографирање ви треба време“, вели Билјана, „треба да дојдеш во племенските заедници, да разговараш со луѓето од племето, да се интегрираш, да живееш со нив и да станеш дел од заедницата“.
Фотографот наликува на брод полн со љубов создаден за патување по таинствени океани на креација кои се откриваат пред неговите очи. Во моментот кога ќе ги отвори очите и ќе го земе фотоапаратот, таа без страв се упатува во непознатото. „Никогаш убавината на непознатото не може да биде доловена ако се движиме по познати патеки“ вели Билјана. Познатото не штити од незгоди кои со себе ги носи секое патување. Но, тогаш нема да има воодушевување и задоволство на откривање.
Само кога се оди на непознати места, кои во себе кријат предизвици, се откриваат нови предели, нови, непознати светови кои инаку никогаш не би ги виделе. Преку нејзините фотографии можеме сите ние да патуваме со неа и да го видиме она што и таа го видела. За неа фотографијата е многу повеќе од само фотографирање – таа е начин на живот. Преку фотографијата таа ги изразува своите чувства, својата етика, фотографијата ѝ овозможува да патува и открива нови предели и луѓе.
Кога ќе ги видите нејзините фотографии, тие се многу повеќе од само убави фотографии, тие се нејзината приказна за светот, тоа е нејзиниот живот. Нејзиното фотографско патување започнува во 2014 година. Во тоа време работела како извршен директор – менаџер во Aged Care, домови за стари лица во Сиднеј, но таа отсекогаш имала страст за фотографијата. Големата страст за фотографија и длабоката желба за креативност ја натерале да ја остави зад себе својата професионална кариера и удобност на стабилна работа. Оваа, 2023 година ја напушта работата и целосно ѝ се посветува на фотографијата, но и на сликарството.
Во Африка оди да ги фотографира последните племенски заедници кои ја имаат зачувано својата традиционална култура. Ги фотографира и се интересира за нивната религија и култура, за нивниот начин на живот. Девет години се занимава со фотографија. А сè започнува случајно! Еден ден на интернет ја наоѓа кнгата „Before they past away“, од познатиот фотограф Џими Нелсон. Ја купува книгата и воодушевена од фотографиите се запрашува дали вакви луѓе сè уште постојат. Љубопитна, почнува да истражува и посакува и таа еден ден да прави фотографии од африканските племиња.
Катализаторот за нејзиното патување бил длабоката фасцинација од домородните култури и нивните традиции. Привлечена е од приказните и од историите на последните домородни заедници кои успеале да го зачуваат своето богато културно наследство среде модерното, кое постојано се развива во светот. Овие заедници се задржаа на традициите кои се протегаат со генерации, а Билјана ја плени длабочината на нивното културно наследство.
Патување планира со месеци и бара луѓе кои прават експедиции во тие предели. Немирна по природа, бара авантури со кои би ги тестирала своите граници на издржливост и со кои би ја задоволила својата страст за фотографија. И оттогаш за неа, ниту една оддалеченост не е недофатлива и ниту една зацртана цел не може да биде неоткриена. Потребна е многу голема храброст за овие патувања, да стигнете до оддалечените места кои не се поврзани со цивилизацијата, како и да комуницирате со племе со кое комуникација не е воопшто воспоставена.
Со тим од мала група храбри истражувачи и фотографи, поради безбедност, а и поради поделба на трошоците (патувањата ги финансира сама), тргнува на повеќе опасни експедиции. Оди во места каде што има пејзажи кои ти го одземаат здивот, места со богато културно наследство и нескротлива дивина. При одењето во племенските области, многу се потпираат на нивните локални водичи кои го воспоставуваат почетниот однос со старешините на племињата и се занимаваат со преговорите. Овие лица често служат како мост меѓу групата и племето што го документираат.
Нивното познавање на локалната култура и обичаи е непроценливо во воспоставувањето доверба и обезбедување, како и заемно почитување. Храброста е суштински елемент на ова патување. Првиот пат оди кај Мурсите, едно од најозлогласените племиња во Етиопија. Во Етиопија оди шест пати, потоа во Јужен Судан, во Северна Кенија, Ангола, Конго, Монголија, Виетнам, Индонезија, но претежно е фокусирана на Африка и на нејзините племиња кои ја задржале својата култура и традиција. Обично посетува места каде што колонизаторите не успеале да влезат и да ги уништат оригиналните културни обрасци на тамошните племиња и народи. „За фотографот поважно е да има многу добри чевли отколку да има многу добар фотоапарат“, вели познатиот фотограф Sebastiano Salgado.
Нејзината посветена работа најде свое место во реномирани списанија, дополнително етаблирајќи ја како истакната фигура во светот на фотографијата. Многу познати светски списанија објавуваат нејзини фотографии како Guardian, British Journal of Photography, Portrets of Humanity, Lens Culture и многу други. Нејзината фотографија „Ловецот на орли“ снимена во Монголија објавена е во 2016 година во National Geographic.
Нејзините фотографии беа изложени на многубројни изложби низ светот; во Обединетите Арапски Емирати, Париз, Њујорк, Берлин, Барселона и секако во Македонија. Настапи со свои фотографии и на престижниот фестивал Xposure кој се одржа во февруари 2022 година во Шаржа, ОАЕ. Особено извонреден успех за Билјана во нејзината кариера беше вклучувањето на една нејзина фотографија на првата изложба во вселената. Овој историски настан имаше само 200 избрани фотографии од целиот свет како дел од проектот „Портрети на човештвото“.
Овие фотографии беа испратени во вселената користејќи бинарно кодирање, на бесконечното патување со длабока порака за мир и единство. Привилегија е да се биде дел од таков значаен потфат, користејќи ја фотографијата како медиум за да се пренесе порака која ги надминува границите на нашиот познат свет и стигнува до најоддалечените делови на космосот. На нејзините патувања се соочува со многу проблеми. Има делови каде што не се гарантира безбедноста и не важат законите на земјата.
Влегува во меѓуплеменски конфликти, пресметки на бунтовници, предели каде што демнеат диви животни, каде што прават патеки во „безпаќа“ низ џунглата сечејќи ја густата вегетација, места каде што е премногу топло и има многу инсекти. Понекогаш останува и без вода и храна, сè со цел да направи добра фотографија за да ја раскаже својата фотоприказна. Нејзиниот природен талент и посветеноста ѝ овозможија да ги забележи и да му ги покаже на светот заборавените заедници, оставајќи ни ги нивните фотографии како трајно наследство. Нејзината работа служи како доказ за моќта на уметноста во премостување на културните празнини и поттикнување повеќе меѓусебно да се запознаеме. Преку нејзиниот објектив, таа ја открива споделената хуманост што нè обврзува сите нас, инспирирајќи безброј поединци да го гледаат светот со поголема емпатија и разбирање.
Една е од првите бели жени која влегла во кралството Куба Кингдом, познато уште како Кралството Бакуба или Бушого во Кенија. Билјана е фотограф што вкрстува континенти за да стигне до скриените култури и да ги прикаже. Ги фотографира племињата во Етиопија Сури, Кара, Мурси, Нијанга Том, Арборе, во Јужен Судан Џије, Мундари, Ларим, Лопе, во Конго, Куба Кингдом и Пенде, во Ангола Химба, Кона, Сан луѓето и многу други. Африканските племиња често одржуваат длабока врска со природата, потпирајќи се на одржливи практики и живеат во хармонија со нивната околина. Оваа врска е извор на инспирација и потсетување на важноста на грижата за животната средина за сите нас. Документирањето на нивниот однос со природата може да послужи како моќна порака за потребата од одржлив и меѓусебно поврзан свет.
Облеката на жителите на овие племиња, украсите на нивните тела, нивните маски и ракотворби се визуелно волшебни и раскажуваат длабоки приказни за нивната историја и идентитет. Доловувањето на сложените детали и живописни бои на нивната облека и уметност е моќен начин да ги покажат своите уникатни културни изрази. Многу од африканските племиња се познати по нивните извонредни уметнички вештини, правење на сложени гердани од монистра, маски, до експресивни танци и музика. „Во суштина, она што ме привлекува во африканската култура и овие племиња е можност да ја искористам мојата фотографија како медиум за да ги расветлaм нивните вредности, традиции и силата на нивниот народ“, вели Билјана. Само фотографиите долго се паметат, а зборовите веќе утре ќе го променат својот ред. На крајот на краиштата, фотографијата е она кој сте вие. Таа е вистината за вас. И, барањето на вистината станува навика.