Насловна / Архитектура / Мароко – држава на контрасти и културно и општествено наслојување

Мароко – држава на контрасти и културно и општествено наслојување

Мароко, само по себе претставува континуитет на културно, социјално, градителско и сеопфатно општествено наслојување на различни историски периоди. Така, низ својата долга историја од предримските, римските, арапските освојувања, португалската, француската и шпанската колонизација, во борбата за осамостојување и постнезависноста, успеало да го задржи својот внатрешен идентитет. Градовите имаат уникатни карактеристики и пулсирачка автентичност прикажани преку геометрија, урбана текстура, хиерархија итн. Секој период за себе има посебна карактеристика што додава уште еден слој на постоечкиот втемелен идентитет. Од денешен аспект формулата за создавањето на мароканските градови лежи врз преклопување на силни идентитети, правопропорционални на периодот и контекстот кој го претставуваат, кои коегзистираат во меѓусебна релација.

IMG_20231008_221602_706

Претколонијални марокански градови

Планирањето на градот за претколонијалните марокански градови е повеќе органско одошто планирано. Градската ортогонална форма произлегува од адаптацијата на градскиот релјеф и аплицираната сообраќајна мрежа. Растот е концентриран околу џамиите, кон „кибла“, насоката кон светата џамија, со присуство на мноштво фонтани, училишта или високообразовни верски институции наречени „медреси“. Мароко претставува уникатен случај во однос на другите исламски култури затоа што повеќето негови градови се основани како нови населби, со што во најголемиот дел претставуваат репрезентативни примери на исламскиот урбанизам. Постојат четири империјални марокански градови – престолнини за различни династии.

chefchauen 3

Првата престолнина е Фес, основана од династијата Адариса. Подоцна, градот бил дополнително распространет на десниот брег од 13 век, создавајќи го стариот Фес (Фес ел Бали) на левата страна на реката, додека новиот Фес (Фес ел Џадид) бил на десната страна. Во овој период бил изграден најстариот универзитет во светот „Универзитетот Карауин“, а влијанието на андалузиската архитектура ги создало и карактеристиките на мароканската средновековна архитектура.

fez 13

Градот Мекнес е изграден во 10 век од династијата Алмувахид, а Маракеш во 11 век станал главен град на династијата Аморавид. Рабат изграден во 12 век станал главен град на династијата Алауити, оттогаш па сè до денес. Освен царските градови, повеќето „медини“ биле изградени во периодот меѓу 8 и 17 век и имаат посебни исламски карактеристики: утврдени ѕидини или тврдини за заштита. Куќите се просторно инспирирани од андалузиските дворни куќи, типични за регионот и познати по нивните геометриски форми и употребата на глина. Генерално, градовите имаа силни карактеристики под влијание на културата и климата.

marrakech 16

marrakech 56

Куќите во Медина се разликуваат по нивната архитектура, форми и материјали. Вообичаено, немаат отвори кон улиците, туку единствено мали отвори за вентилација покриени со мушарабија. Тие обично егзистираат околу внатрешен двор (атриум) со централно поставена фонтана и егзотична вегетација, во кој се одвиваат повеќе животни функции. Пристапот до просториите се одвива единствено преку атриумот.

marrakech 15

Мароканската куќа е инспирирана од андалузиската култура и ќе стане иконски симбол на куќите во Мароко. Внатрешноста на дворот е дизајнирана да ја претставува мароканската рачна изработка, идентитетот и климатските различности. Занаетчиството ја рефлектира историјата и културата, додека материјалите го прикажуват нивното првобитно место. Дворот не само што претставува добра употреба на материјали за климата, туку и самата форма претставува пасивно решение. Затворените фасади не само што обезбедија приватност, туку ја криеја силната директна сончева светлина што предизвикува непријатно чувство во затворен простор.

IMG_20231006_010335_350

Колонијални градови

Францускиот протекторат наметнат од маршалот Лојауте во 1912 година ќе биде пресвртница која несомнено ќе го обележи идентитетот на мароканските градови. Во оваа епоха, Мароко генерално е поделено на два дела: корисното Мароко, кое ги опфаќа регионите на земјоделството и рударството и бескорисното Мароко, кое во основа е пустинска област на југот. Спротивно на алжирската колонизациска стратегија, мароканската француска колонизација не интервенирала во историјата и архитектурата на постојните градови. Индиректно, политиката на создавање на новиот град, „La ville nouvelle“, надвор од старите органски урбани јадра (медините) значително ќе го измести дотогашниот наратив на градовите. Новите центри ќе бидат планирани исклучиво од француски архитекти и урбанисти, што е можно попроевропски, сè со цел да привлечат повеќе туристи. Тоа подразбира, планирање на авении кои завршуваат со железничка станица или позиционирање на институции и капитални зафати долж главните сообраќајни оски додека во внатрешноста се лоцирани периметрални станбени зони.

casablanca 1 casablanca 7

Постколонијални градови – план за децентрализација

Годините помеѓу 1980 и 2000 година претставуваат времиња на економски проблеми и интензивна суша. Последиците се брза урбанизација, сиромашни квартови и необликувани градови со квартови каде цути интензивна социјална и економска сегрегација. Овој период е обележан и со преселување на жителите во старите трговски центри. Економската криза ги погоди старите градови што им отежна на семејствата да се грижат за градителското наследство. Друга причина за движењето на жителите од Медина во новиот центар се можностите за работа на помладите генерации, генерирани во поновите делови на градот, како и близината и пристапноста. Новите центри и населби напуштени од Французите набрзо се окупираат од богатите Мароканци, оставајќи ги своите домови во медините на руралните новодојденци. Последователно, населението во историските центри драстично се намалува, поместувајќи ја душата на градот кон француското урбано ткаење. Ваквиот тренд ќе резултира со интензивна сегрегација.

casablanca 13 marrakech 31

Планот за социјално домување насловен како „Ecochard станбена мрежа 1950“ e промовиран во втората половина на минатиот век, а во 2004 година, беше лансирана интензивна програма за развој со цел премостување на различните делови на градовите за да се минимизира социјалната неправда. За таа цел, Мароко започна амбициозна програма за создавање нови градови. Вистинска национална стратегија за урбанистичко планирање, првично требаше да предложи локации за петнаесет градови со цел на крајот да се деконструираат големите градови, да се ребалансира територијата и да се разместат повеќе од еден милион жители. Сепак, јасно е дека постои значителен јаз помеѓу првичните очекувања од програмата и забележаните резултати.

casablanca 3

По 2010 година, повеќето сиромашни квартови беа елиминирани со интензивно обновување на сегрегираните урбани области. Преселувањето на жителите од сиромашните квартови на места подалеку од градот, исто така, резултираше со создавање на гето населби. Сегрегацијата помеѓу медината и „La ville nouvelle“ може да се прочита архитектонски со оградениот град кој му го врти грбот на транспарентниот широкопотезен француски урбанизам. Стоејќи еден до друг, тие манифестираа физичка сегрегација и архитектонски приказ на политичкиот проблем на градот, кој ја играше улогата на сведок.

н2

Низ годините, мароканските градови се проширија надвор од првичното планирање на La ville nouvelle. Колонијалната политика за урбанизација беше да се зачува постојното, но сепак да се гради и до него. Постколонијалните градови го зачуваа овој пристап со спроведување на мегапроекти со цел привлекување на инвеститорите покрај историскиот дел на градот.

IMG_20230930_175939_329

Форми на урбана експанзија и територијално реструктуирање

Следејќи ги различните фази на урбанизација на Маракеш и Фес од неговото создавање од страна на Ал-Моравидите низ колонијалниот период до денес, се разликуваат четири станбени области кои претставуваат различни форми на урбаната морфологија и социјалниот состав на станбените области за кои станува збор, имено:

• стариот град (Медина)

• дуари

• европскиот град

• експанзија на урбаните подрачја по осамостојувањето.

fez 1

Поблискиот поглед на урбаните, архитектонските и социјалните карактеристики на секоја област помага да се процени влијанието на различните ендогени и егзогени фактори кои придонесуваат за преобликување на урбаната социјална и просторна територија на мароканските градови. Урбаната политика на државата има тенденција да фаворизира специфична урбана форма, таканаречена „модерна мароканска морфологија“. Оваа тенденција се соочува со потрагата по традиционален тип на урбано живеење изразена со голем дел од населението кое има пристап до јавните, па дури и до приватните станбени понуди.

IMG_20230930_170142_617

Медината се состои претежно од традиционален тип на урбани живеалишта, која ги има своите корени во локалните градежни техники и материјали, локалната социјална организација, практики, семејниот живот, религијата, климата итн. Куќите се едноставни со обични надворешни ѕидови, давајќи ѝ униформен изглед. Карактеристиките може да се објаснат со силното влијание на традицијата и на религијата, кои ја зацврстуваат неподготвеноста на жителите да ги изложат своите приватни простори за живеење на јавноста.

IMG_20230930_161903_605

Генерално, групирањето на домови и услуги во медината не е ограничено само на изградената средина или на ѕидините, бидејќи вклучува големи отворени простори каде се случува трговска дејност. Некои области се упоришта на урбани градини, а други пак претставуваат отворени места за рекреација за повеќето жители на градот. Мрежа од километри ѕидови и патишта што ја поврзуваат со надворешните градски зони, како и со другите големи градови, поминувајќи низ, една од неколкуте големите порти. Внатрешниот град има радиоконцентричен план, кој се карактеризира со отсуство на просторни разлики меѓу хомогените, првенствено станбени населби.

IMG_20231008_221602_764

Ја дефинираат четири архитектонско-урбанистички принципи во однос на местоположбата и позиционирањето на функциите

  • ПУНКТУАЛНИ ЈАДРА
  • ПРИДРУЖНИ НАМЕНИ
  • ПЕРИФЕРНА НИЗА
  • КОНЦЕПТ НА ПОКРИЕНА ПЕШАЧКА УЛИЦА – СТОА (заштита од прекумерна изложеност на сонце)

IMG_20230930_161903_279

Пунктуалните јадра, претставуваат места во градот со масовна посетеност, кои со својата широка палета на придружни намени имаат за цел да привлечат различен профил на корисници. Најчесто се имплементира во градското ткиво за активација на замрени простори со одреден потенцијал, и обично секогаш предизвикува верижен процес на спонтано надградување (во површина или квалитативно). Ваквата надградба на различни видови функции (компатибилни или некомпатибилни) со текот на времето стануваат неделив дел од главниот објект со доминантна намена, градејќи периферни низи по ободот, со што повеќе не постои јасна разлика помеѓу она што е ново и веќе постоечко. (Сули ан, Куршумли ан во Старата скопска чаршија).

н3

Доколку се земе во обзир светото тројство од конфигурацијата на Старата скопска чаршија (џамија, ан и амам) како пунктуални јадра кон кои се надоврзуваат мали комерцијални единици, во мароканските градови во органски настанатата медина како лулка на занаетите и трговијата, нејзината просторна конфигурација главно ја сочинуваат (медреси, џамии кон кои сукцесивно се надоврзуваат низи од мали комерцијални единици и риади како дел од профаната архитектура).

Појавата на периферните дуари е втората фаза на урбанизација од 1926 година наваму. Првиот период помеѓу 1930 и 1950 година се карактеризира со незаконско и привремено поставување на првите жители на приватно и на државно земјиште. Со текот на годините и со постојан прилив на новодојденци, дивоградбите се зголемија во големина и станаа поцврсти.

IMG_20231006_010334_723

Маргинализацијата на популацијата населена во дуарите и нејзината класификација како неурбана во голема мера се должи на типот на живеалиште што не ги исполнува стандардите поставени од државните служби за урбанизам. Домаќинствата кои потекнуваат од селата развиле во периферните дуарови нов тип на живеалиште кое е класифицирано како полурурално. Жителите, пак, од медината ги конструирале овие простори според традиционалниот или арапско-муслиманскиот модел на живеалишта.

IMG_20230929_171508_939

Планирана експанзија во постнезависноста

Од осамостојувањето, урбаниот пејзаж на мароканските градови значитечно се промени, со воспоставување на посложена урбана структура во која беше тешко да се разликува традиционалното од модерното, ендогеното од егзогеното. Во своите официјални дискурси и во одредени конкретни интервенции, државата ја промовира својата подготвеност да го прилагоди градот за подобро да одговори на барањата на современиот урбан живот, а сето тоа истовремено помирувајќи го традиционалното со модерното.

н1

Сообраќајните тенденции

Инвестициите во туризмот и ориентираноста на Мароко кон светот, ќе резултира со повеќекратно подобрување на јавниот превоз и обезбедување не само меѓуградски туку и мултимодални интраконтинентални врски. Како значителна трговска сила правопропорционално ќе влијае и на транспортот со што тоа ќе подразбира авионска конекција во секој град, (Рабат, Казабланка, Мекнес, Фез, Маракеш, Тангиер, Тетуан, Агадир итн.) експресни автопати и железничко поврзување на централниот и северниот дел на државата додека јужниот дел сè уште е оставен во фаза на идна експанзија. Ваквиот развој ќе придонесе кон децентрализација на урбаната популација од северните делови на државата кон централните подрачја и југот и адаптација на високо недостапните предели и пустината во подостапни простори за живеење.

IMG_20230930_170142_344

Трговијата и туризмот како двигатели на општествената свест и стандард цивилизациско издигнување

Трговијата во Мароко, рака под рака со туризмот се можеби и најголемите виновници за она што е тоа денес. Иако во минатото оваа активност главно се одвивала во рамките на медината како станбено-комерцијална типологија, исклучиво од занаетчиите еснафи во мал формат, по француската колонизација и процесите на редефинирање на урбаната морфологија, истата ќе излезе од нејзините рамки и ќе се прошири и по широките авении, но во сосема друг облик. Поттикнати од мотивот да го продадат својот производ и да ја надмудрат конкуренцијата, занаетчиите ќе бидат принудени да мигрираат, да научат повеќе јазици и воедно да го задржат вниманието на туристите од целиот свет. Оттука оваа економска гранка слободно може да се нарече двигател на општествената свест и стандард на мароканскиот народ, што во голема мера ќе влијае и врз еманципацијата на заедницата.

IMG_20230930_161903_156

Тенденциите да се отвори Мароко кон светот, како една од главните карактеристики на владеењето на кралот Мохамед VI ќе резултираат со презервација и конзервација на изградените ткива, не само околу старите органски настанати градски наративи туку и при проектирање на нови зафати.

n6

Од моето лично искуство можеби едно од највидливите аспекти додека се движите низ улиците се контрастите во агломерацијата. (човекомерноста на медината, наспроти монолитноста и процесијата низ зонираните космополитски четврти која прави да се чувствуваш многу мало и беззначајно.) Тендецијата да се организираат програмските содржини околу исламските постулати = приватноста, геометријата, мистиката, извонредната храна, културната и интегрирана слоевитност која се чувствува не само во храната (мароканска, медитеранска, либанска) туку и при разговор со локалците, мноштвото ткаенини, нивните обичаи, се само дел од широкоаголноста што оваа земја ги нуди. Поривот да се зачуваат занаетите во медините, лицемерието на туристичките дистрикти, (безбедни, чисти и под видеонадзор), наспроти секојдневието на локалното население во гетата во срцето на Казабланка, пропратени со звукот на мотоциклистите.

marrakech 44

Недостатоци во сублимираната урбана матрица

Недостатокот од инфраструктурата, проблемите со сообраќајниот метеж, како и социјалните прашања систематски ги поткопуваат централноста и атрактивноста на историското јадро како место на живеење. Дополнително, во тек е и процесот на гентрификација, особено преку реставрација и реупотреба на ријадите.

Неизбежен е повеќенасочниот раст на градската форма, и покрај недостатокот на инфраструктура, несоодветните социјални капацитети и недостатокот на секундарни центри во овие области, кој се јавува  (според можностите за земјиште и недвижен имот, на пр. исклучоци) надвор од границите на градот, што резултира со креирање на дифузни урбано-рурални граници. Неколку студии укажуваат на урбаниот раст на сметка на тактилните земјоделски зони, загрозувајќи ги традиционалните практики на периферијата.

IMG_20231009_210623_382

Тековната урбанизација претставува своевиден прекин со минатото на градот, неговите општествени односи и неговиот таканаречен традиционален начин на живеење. Развојот на нови урбани практики претставува почеток на нова ера во урбанистичкото планирање која главно ја одразува борбата против акутната станбена криза.

Државните интервенции како и увезените модели на планирање и нивната директна примена без соодветна апликативност, единствено ќе значи само еден од низата безуспешни обиди да се задоволат потребите за домување, кои со мултиплицирањето на урбаното население се и тоа како акцентирани.

n7 (1)

Земјотресот во Мароко од една друга перспектива

За тоа што значи да се искуси природна катастрофа, кога си турист, e едно од нештата кои не ти се на листата на приоритети, особено не кога си далеку од дома.

Ние скопјани, секогаш зборуваме за земјотресот како на нешто далечно. Одржуваме култ и зборуваме за последиците и превентивните мерки со години, но сепак кога станува збор за применување на истите, од оваа сегашна дистанца ми се чини дека сè повеќе ја занемаруваме можната репетитивност. Можеби ќе звучам радикално, но кога си урбанист, земјотресот го доживуваш, како своевидна обнова на просторот и шанса за професионално докажување. Како празна табла на која можеш да ги материјализираш твоите идеи, налик на хирурзите во операциона сала, каде телото е нивна шанса за брилијантост.

zen

Кога одненадеш ќе се најдеш сред град (Маракеш) кој крвави и чека да биде спасен, единствено ти оѕвонуваат во глава приказните на домашните за катастрофалниот земјотрес во 1963-та, ги живееш, ти си главниот актер, ги чувствуваш вибрациите од немирното тло кои не стивнуваат, криците на луѓето и градбите кои ти исчезнуваат пред очи, гледаш руини каде часови претходно си се восхитувал на културната слоевитост, и те боли, а си само случаен патник, тоа не е твојот дом. Со магнитуда од 6,9 степени, чувството да се наоѓаш сред медината, во густо изградено ткиво беше еднакво на престој во кула од карти која во секој момент ќе ви се струполи на глава. Токму во тие моменти, ја сфаќате важноста на животот, на луѓето кои се околу вас и работите на кои можеме да влијаеме како општества за да ги превенираме последиците. Сега од оваа дистанца, единствено сум благодарна што сето тоа не пресретна токму таму, во Мароко, сред солидарен народ кој во ниту еден момент, иако туѓи не нè остави, туку напротив несебично ги сподели и оние малку ресурси кои ги имаше на располагање. Интересен е фактот што дури и на друг контитент, меѓу народи со различни географски одредници, некои човекови вредности се универзални и бесценети.

5364

А за Маракеш и не се грижам, зашто мултикултурните градови како безвременски слоевит сублимат ја поседуваат таа регенеративна карактеристика, да се издигнат како феникси, да му пркосат на времето и на природните катастрофи, бидејќи сè додека има заедница која го одржува неговиот идентитет и се сеќава, тој ќе живее.

Автор: Бојана ПАЛИФРОВСКА, дипл. инж. арх.

casablanca 20  fez 10 IMG_20230925_182119_076 IMG_20230930_175939_070

(Специјално за Порта 3 од Мароко)

Испрати коментар

Scroll To Top