Компанијата „Раде Кончар“ од Скопје е прогласена за најеколошка со проектот „Еко зрак на Балканот“ за заштита на животната средина, преку редукција и елиминација на штетни состојки во трансформаторското масло, на традиционалниот конкурс на Град Скопје.
Градоначалникот Коце Трајановски денеска ги додели наградите на најдобрите во традиционалниот градски конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта во Скопје.
За најголем придонес за заштита на животната средина и природата награден е Ѓорги Селков за организирање на манифестација „Часот на планетата Земја“.
За најубаво уреден двор во индивидуално домување наградени се Борис и Наташа Михајлоски, улица Мраморец, број 25б, а за двор во колективно домување – објект на улица Кленоец, број 61.
Најубаво уреден двор на институција е дворот на средното училиште „ Здравко Цветковски“.
Наградата за најубав состав на тема екологија во основното образование ја делат ученичките Вања Милческа, VII4 одделение oд ОУ „Крсте Мисирков“ и Георгина Стефановска, VIа одделение од ОУ „Блаже Коневски“, а во средното образование награден е Стојан Стојчевски од ПСУ „Алгоритам Центар“.
Во категоријата „Најубав цртеж на тема екологија“ наградени се ученичките Теа Божиновска, IIIa одделение од ОУ „Владо Тасевски“ и Матеа Шутарова, VII одделение од ОУ „Лазо Трповски“, како и Ања Петковска од средното училиште „Кочо Рацин“.