Во периодот 09-14.10.2023 година во Салцбург, Австрија, се одржа 15-тиот Конгрес на Меѓународното друштво за механика на карпи и инженерство во карпи (ISRM), кој се покажа како мошне значаен за Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ). Имено, покрај конференциската програма, во рамките на Конгресот се одржаа и состаноци на раководните структури на ISRM, на дел од кои се разгледуваа и дописи од ДГМ. Така, на состанокот на Советот на ISRM беше претставена кандидатура, после што се одлучи организацијата на Европската конференција за механика на карпи (EUROCK) во 2026 год. да се довери на ДГМ. Понатака, Претседателството на ISRM ги дискутираше и извештаите за работа на членките, после што со мнозинство гласови признанието за национална група со најуспешна работа во ISRM за периодот 2021-2023 го додели на ДГМ. Ова мошне значајно признание на претседателот на ДГМ, вонр. проф. д-р Игор Пешевски, му го врачи досегашниот претседател на ISRM, проф. д-р Решат Улусај. Уште едно важно достигнување за ДГМ беше и одлуката на новиот претседател на ISRM, проф. Сеоквон Џеон, кој на затворањето на Конгресот го претстави составот на претседателството на ISRM за периодот 2023-2027 год., а каде позицијата на еден од трите заменици му ја додели на проф. д-р Милорад Јовановски. Имајќи го предвид континуираниот прогрес во работата на ДГМ од своето основање пред 25 години, веруваме дека на таков начин ќе се даде и сериозен придонес во продолжувањето на мисијата на успешно делување на ISRM.