По Europe House Bitola, автентична изложба на графички симболи, која брои дури 460 дела во мал формат доаѓа и во Скопје.
На 14.12.2023 (четврток) во 20 часот во МКЦ во горната галерија ќе се орвори изложбата yugo.logo: Графичка идентификација во Југославија.
yugo.logo е проект на младиот графички дизајнер Огнен Ранковиќ, кој вели дека симболите кои ќе ги видиме се создадени пред повеќе од половина век, но стандардите по кои се креирани, концептот и естетиката ги прават безвременски.
Проектот yugo.logo има за цел да ги истражи, дигитализира и архивира овие знаци со цел да послужат како инспирација на новите генерации, истовремено и да им се даде почит на пионерите на дизајнот на овие простори.
Приказна за знакот
„Графичкиот знак нема оригинал, материјал и големина. Секој еден е оригинал и се изработуваат од секакви материјали и во секакви големини. Знакот е потпис, па затоа авторот не го потпишува. Конструкцијата на знакот е негова графичност со која се овозможува тираж (умножување, зголемување, смалување). Знакот е збиена приказна, понекогаш и неколку различни приказни, кои се сведуваат на еден краток збор. Зборот се претвора во слика која ја читаме со еден поглед: побрзо ја гледаме и запомнуваме отколку што ја разбираме. Знакот е поубавиот дел од приказната. Секој знак е една нова љубов, а за љубовта се сонува и се размислува на јаве, сè се меша и затоа не се знае како настанува знакот. Знакот е лесна мака“.
Милош Ќириќ – извадок од книгата „Графичка идентификација“, Белград, 1981 година.