Насловна / Вести / Апартман Секвенца во Скопје како филмска секвенца на животниот стил на наш познат режисер

Апартман Секвенца во Скопје како филмска секвенца на животниот стил на наш познат режисер

Дизајнот на ентериер не е само уредување на внатрешниот простор, тој подразбира поврзување со корисникот односно со корисниците на тој простор, бидејќи во него го поминуваат најголемиот дел од своето време, со што тој треба да одговори на нивните потреби и стил на живеење. Оттука се актуализира оваа нераскинлива врска клиент – архитект која е многу значајна, а ми се чини во последно време многу занемарена.

Vase Amanito R (4)

Иако архитектите се трудат секогаш да одговорат на задачата на клиентите, сепак немањето меѓусебна соработка и непочитувањето на сугестиите и на професионалното мислење што им го даваат архитектите на своите клиенти, често пати води до решенија кои не одговориле целосно на можностите што ги дава конкретниот простор или пак, претставуваат само голо пресликување на некои ентериери што клиентите  ги виделе некаде или ги замислиле по свое убедување, а тоа значи просторот не ја добил соодветната трансформација.

Vase Amanito R (3)

Но, за среќа постојат клиенти кои сакаат да извлечат маскимум од својот простор, да му вдахнат душа и тој да заживее со нив заедно, правејќи го инспиративен секој ден поминат во нив. Токму таков, е ентериерот на апартманот Секвенца (Sequence apartment), проектиран од проектантското биро BINA (Bureau of Inventive Architecture) на архитектите Бекир и Амине Адеми. Апартманот Секвенца претставува составен дел од модернистички станбен објект изграден во 50-тите години на 20-тиот век, лоциран во централното градско подрачје на Скопје, со површина од 85 квадратни метри.  Објектот е волуменски незабележлив и морфолошки динамичен, но затоа во материјалните особености претставува репродуктивен извор на инспирација кога станува збор за развивање на нов концепт и живот во истиот. Токму овие карактеристики на постоечкиот објект, преку својот дизајн, архитектите настојуваат да ги задржат и потенцираат, а да му вдахнат нов, актуелен современ лик.

Vase Amanito R (1)

Структуралната конфигурација на предметната станбена единица и објектот како целина претставуваат чувствителна тема, со оглед на нејзината старост, особено кога станува збор за реновирање и програмска дистрибуција на внатрешните простори, па тој факт ги насочува архитектите кон суптилно и внимателно користење на микроструктурални техники и методи, како би се сочувал стариот шарм и би се избегнале сите можни интервенции кои би значеле адаптација и кои би влијаеле во долгогодишното фунционирање и дишење на постоечката структура.

Drawings

На овој начин, архитектите од BINA создаваат услови за суштинска комуникација со фундаменталните карактеристики на станот и неговите составни конструктивни елементи како што се ѕидовите, столбовите, гредите, подовите, плафонот, терасата и останатите елементи во состав на ентериерот кои налагаат исклучиво едноставни допири што понатаму ќе вродат реминисценција на убави спомени – сето тоа во современи манири.

Vase Amanito R (5)

И така се создава, Секвенца, апартманот кој делува како да е составен од секвенци, од филмски дотерани детали, кои се доживуваат како низа кадри движејќи се низ станот. Станот едноставно дише со една филмска естетика, токму како и неговиот сопственик, режисерот кој го создаде филмот „Медена земја“. Македонскиот филм кој испиша историја, со своите две номинации за Оскар во 2020 во две категории: најдобар документарец и најдобар странски филм.

Vase Amanito R (2)

Во апартманот Секвенца се рефлектира оваа континуирана соработка со сопственикот кој активно учествува заедно со архитектите во процесот на дизајнот на ентериерот. Токму оваа изложеност на структуралните елементи видливи во просторот, му дава на станот еден ултра современ индустриски лик, кој не е ладен, туку напротив, кани во топла и пријатна атмосфера и удобна гостопримливост во секое свое катче. Во Секвенца е јасно читлива и окупацијата на режисерот со еколошките теми кои ги обработува и во самиот филм „Медена земја“, како климатските промени, загубата на биодиверзитетот и експлоатацијата на природните ресурси, па токму таа окупација се јавува и како животен стил, како стремеж и во ентериерот да се постигне текстурална разноликост меѓу видливите бетонски елементи со останатите елементи од природни материјали изработени од дрво, тула, метал, кожа, текстил и сето тоа дополнето со многу собни билки, како вметнување на природата во сопствениот дом, прошарано со декоративни моменти избрани со многу вкус, кои раскажуваат за креативниот потенцијал на сопственикот на станот.

Vase Amanito R (6)

Токму овој апартман во поширок контекст дава ново чувство на морална ангажираност, вметнување на природни акценти во живеалиштето, создавајќи ново инспиративно катче за живеење и творење на нова секвенца од успеси и соништа.

Ентериерот на апартманот Секвенца е изведен во 2022 година, а во октомври 2023 година станува добитник на наградата за ентериерен дизајн BIG SEE Interiod Award за 2023 која претставува една од мноштвоте награди што ги доделува дизајнерската платформа на Југоисточна Европа, BIG SEE за различни сфери на дизајн и други области.

Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.

Фото: Васе АМАНИТО

Испрати коментар

Scroll To Top