Францускиот дизајнер Филип Старк неодамна го претстави својот проект за зграда на 20 ката во канадската провинција Квебек. Инспириран од архитектурата на Монтреал, Филип Старк разработил план–проект насловен Yoo за изградба на зграда во која сите 90 станови би имале џакузи и тераси со отворен камин. Како локација за изградба е избрано место од каде што се протега фасцинантен поглед на градот. Во креирањето на внатрешниот дизајн и ентериер би се користеле само локални материјали како дрво и кожа, додека во декорот би биле вклучени весели хромирани детали кои ќе светат во контраст на бетонскиот под.
Според зборовите на Старк, Монтреал е уникатен град кој не изгледа како ниеден друг во светот. Заради тоа и му послужил како инспирација за овој комплекс, каде што се сретнуваат многу противречности. „Мозаиците, културното богатство и духот на Монтреал, ме натераа на размислување и на создавање на проект Yoo“, изјавил Филип Старк.