Насловна / Вести / Комората со свои ставови на Конференција за патна инфраструктура одржана во Охрид

Комората со свои ставови на Конференција за патна инфраструктура одржана во Охрид

Во периодот од 2 – 3 Ноември 2023 година во Охрид се одржа Првата конференција за патна инфраструктура под наслов: „Искуства, Предизвици и перспективи“ во организација на Здружението за градежништво, градежни материјали и неметали при Стопанската комора, во присуство на највисокиот државен врв, заедно со претставници и експерти од научната фела, од државните институции и реномирани организации како што е Комората на архитекти и инженери на Република Северна Македонија. Официјални претставници на Комората на настанот беа претседателката на Комората м-р Кристинка Чулак, потпретседателот м-р Деjан Метикош и раководителката на одделението на градежни инженери проф.д-р Мери Цветковска.

Комората зеде активно учество во два од вкупно шестте панел дискусии, на темите „ Еврокодови – европски стандарди за конкурентно и квалитетно градежништво“ и на „Законот за градење – нова градежна визија“.

Претседателката Чулак доследно и професионално ги пренесе ставовите на Комората.

DSC_7068

Во врска со еврокодовите беше елаборирано дека имплементацијата на Еврокодовите пред сѐ е процес кој што е во линија со Евроинтеграцискиот текови на Република Северна Македонија кој директно го афектира работењето на градежните инженери, но индиректно – градежништвото во целост и процес од кој се очекува со сигурност да отвори пат за раст на градежната индустрија во државата, преку отворање на европските и меѓународните пазари за инженерските дејности како за инженерите, така и за работењето на нашите градежни компании.

Започнатиот процес на подготовка за имплементација на европските стандарди, како од организациски така и од финасиски аспект целосно го следеше Комората со што беше реализатор на голема активност за стручно рецензирање на преведените стандарди од англиски јазик на македонски, обемна материја од околу 5.000 страници. Понатаму, Комората организираше 27 предавања од информативен карактер за инженерскиот кадар низ целата држава. На овие семинари, за петте клучни Еврокодови имаше посета од речиси 1000 овластени инженери. После донесување на Правилник за дополнување на правилникот за стандарди и нормативи за проектирање во септември 2020 година, Комората започна со нов циклус на едукативни сесии, овој пат организирани со малку поинаков концепт на обуки со практични примери и решавање на конкретни задачи и пресметки. Обуките се во тек, и се одвиваат во 3 градови, Скопје, Штип и Битола. За наставата се обезбедени материјали подготвени од предавачите за секој модул, целосно финансирани од Комората и достапни за сите активни членови на интернет страната на Комората.

DSC_5459JPG__

Состојбата со примена на Еврокодовите во земјите од регионот е на прилично повисоко ниво. Европските земји веќе се подготвуваат да ја дочекаат новата генерација на Европските прописи за проектирање градежни конструкции кои стапуваат на сила на почеток на 2025 година.

Управниот Одбор на Комората сериозно расправаше на темата што значи пролонгирање на паралелната примена на старите прописи со новите и изгради став во кој јасно беше нагласено дека одлагање на превземените обврски на подолги рокови се непрогресивни за градежништвото во целост, ја намалуваат конкурентноста на нашите инженери во однос на странските кои се сѐ побројни во периодов и го успоруваат процесот на следење на современите случувања во струката. Затоа Комората предложи формирање на Координативно тело кое во најкус можен рок ќе направи Акциски план за постапување во периодот од 12 месеци, со воспоставување на матрица на одговорност за сите активности.

Како и секогаш, Комората на овластени архитекти и овластени инженери ги става на располагање сите свои капацитети во насока на успешно спроведување на предложениот план за продолжување на рокот за паралелна примена на постојните правилници за проектирање на градежни конструкции во согласност со Европската регулатива – Еврокодови и брзо надминување на периодот на адаптација.

DSC_5583JPG__

На панел дискусијата за новиот Закон за градење, претседателката Чулак го артикулираше ставот на членството. По добивање на Нацрт-текст на Закон за градење и Правилник за класификација и категоризација на градби, Комората во насока на своите начела на дејствување по принципите на транспарентност, инклузивност и сеопфатност, веднаш го сподели со целокупното членство и спроведе широка анкета за прибирање мислење и сугестии со цел нивно ускладување, а во насока на подобрување на предложениот текст.

Новиот пристап на деталната и висококвалификувана категоризација на видовите на градби беше поздравен, заради тоа што е направена јасна категоризација по вид, сложеност и спецификација на градбите, која дава голем прогрес во нормирање на областа градежништво. Заедно со дефинираното право за градење но и последиците од непочитување, начинот на кој се вршат инспекциите, како и олеснување на процесот на градење исто така се препознати од страна на Комората како голем исчекор напред во регулативата.

01

Заради конструктивност на дискусијата и правилна синфронизација на ставовите на сите одделенија, Комората ги систематизираше своите забелешки идентификувани како клучни на следниов начин:

– Новиот Закон за градење, пред сѐ треба да ги застапува начелата за еднаквост и рамноправност за членување и раководење со Комората на овластени архитекти и овластени инженери и таксативно да се наведени сите овластувања од одделенијата со помал број на членови,

– Воведување на мандаторен БИМ пристап на почеток за објекти од високо значење за државата,

– Модернизација на информацискиот систем е-Одобрение, со вклучување на Комората во истиот со алатка за линеарно спроведување и контрола на донесените Ценовници за инженерски услуги со цел заштита на инженерскиот труд и за контрола на валидност на овластувањата, како и задолжително воведување на е-градежен дневник,

– Издавањето и обновувањето на лиценци за градежна дејност на правни лица од надлежност на Министерството за траспорт и врски да се префрли под надлежност на Комората,

– Воведување на механизам за спроведување и контрола на континуирана едукација заради продолжување на важноста на стекнатите овластувања,

– Зајакнување на критериумите за потврдувањето на странски овластувања за странци со воведување на испит за проверка на знаење од областа националното законодавство и ограничување на можност за нивна работа само во областа на проектирањето и изведаба во РСМ,

– Странските компании да имаат вработено најмалку еден домашен инженер со овластување.

Останатите панел дискусии беа на темите: „Градежништвото на крстопат“, „Улогата на градежништвото во економскиот развој на државата“, „Искуства во инвестирањето во инфраструктурата“ и „Нов концепт за ефикасно градежништво“.

Извор: КОАИ

Испрати коментар

Scroll To Top