Интернетот стана составен дел на нашето секојдневие, така што и не размислуваме колку се потпираме на него. Но, доколку интернетот глобално би исчезнал само на еден ден, економското влијание би било огромно. Таквиот прекин на онлајн услугите би создал големи пореметувања во бројни сектори. Според податоците објавени од Atlas VPN team, еден ден без интернет во светот би чинел 43 милијарди долари. Притоа, САД и Кина би претрпеле речиси половина од оваа загуба.
Податоците се базирани на алатката NetBlocks Cost of Shutdown Tool. Оваа алатка го проценува економското влијание од прекинот на интернет и мобилните податоци односно ограничувањето на апликациите, користејќи индикатори од Светска банка, Меѓународната унија за телекомуникации, Еуростат и пописот на населението во САД.
САД, една од најповрзаните земји во поглед на користењето на интернет, би се соочиле со огромни загуби од околу 11 милијарди долари за еден ден без пристап до интернет. Се проценува дека Кина би изгубила околу 10 милијарди долари, но кинеската интернет цензура и економските ограничувања ја отежнуваат точната проценка за загубите на оваа земја поради прекин на интернетот. Велика Британија би изгубила околу 3 милијарди долари, а Јапонија околу 2,7 милијарди долари. Загубата на интернет сериозно би ја загрозило германската индустрија базирана на автоматизација и дигитализација, па штетите се проценуваат на 1,5 милијарди долари.
Од друга страна, океанските острови како што се Тувалу, Кирибати, Маршалските острови, Науру и Микронезија, би имале најмали загуби во вакви околности. Имено, овие земји е би изгубиле повеќе од 50 илјади долари.