Во април годинава се издадени 205 одобренија за градење, што е за 14,9 проценти помалку во однос на април лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 12.548.297.000 денари, што е за 353,1 процент повеќе во однос на април минатата година. Зголемената предвидена вредност се должи на изградбата на останатите делници од новите два капитални проекта за автопати.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 130 (63,4 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 37 (18,1 процент) за нискоградба и 38 (18,5 проценти) за реконструкција.
Од вкупно 205 објекти, на 131 (63,9 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 74 објекти (36,1 процент) деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 422 стана со вкупна корисна површина од 36.734 квадратни метри.