Под покровителство на Министерството за култура, во Артиљерии на Арсенале е отворен павилјонот на Република Македонија на 14. Интернационална изложба на архитектурата – Биенале во Венеција.
Годинава, во организација на Младинскиот културен центар, Македонија на овој врвен светски архитектонски настан на кој учествуваат 66 земји од светот, се претставува со изложбата „Наоди“. Куратор е Јован Ивановски, доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје, кој на проектот работеше заедно со Ана Ивановска-Дескова, Горан Мицковски, Бојан Каранаков, Огнен Марина, Владимир Десков и Александар Радевски.
Македонскиот павилјон е сместен во престижниот историски комплекс Арсенале, во комплекс од неколку поврзани објекти во старата оружарница која нуди извонредни услови за изложување, како во локациска така и во просторна смисла. Претходно, во 2011 година, најголемиот дел од овие објекти биле подложени на обемен реставрациски потфат и денес се во автентична состојба, и технички осовременети.
Во него покрај македонскиот, сместени се и павилјоните на Аргентина, Албанија, Костарика, Обединетите Арапски Емирати, Мексико, Перу, Јужна Африка и Турција.
Интернационалната архитектонска изложба Венециско биенале е врвен светски архитектонски настан на кој Македонија континуирано се претставува од 2004 година.