Претставен е проектот „Ново срце“ кој ќе се состои од две високи згради во центарот на новата урбана развојна зона во Дизелдорф, Германија. Овој амбициозен проект на холандската компанија UNStudio носи низа иновации во областа на одржливата архитектура и урбаниот дизајн. Проектот опфаќа две кули од кои една ќе биде реззиденцијална, додека другата е предвидена за деловен простор. Двете згради се дизајнирани така да бидат флексибилни и прилагодливи за различни станбени и канцелариски распореди. Повисоката кула ќе достигне височина од 120 метри.
Во центарот на овој проект од 10.000 квадратни метри, ќе се наоѓа низок павилјон кој ќе пружа различни услуги вклучувајќи и медицински центар. Зградите ќе бидат поврзани со портокалов мост, кој е проектиран како „патека на искуството“ и го поврзува првиот кат со сите три објекти. Освен тоа, јазолот на мобилноста ќе биде на три ката од деловната кула и ќе го поврзува мостот на првиот кат со велосипедската патека во приземјето и гаражите во сутеренот.
Според UNStudiо, проектот е осмислен да биде одржлив и отпорен. Ќе се користат армиран бетон и дрво, а фасадата ќе биде изградена од префабрикувани, рециклабилни модули. Исто така, предвидена е и инфраструктура за полнење на електрични возила. Во фасадата ќе бидат интегрирани фотоволтаични системи, а греењето и ладењето ќе биде базирано на геотермална енергија. UNStudio е избрана за овој проект со едногласна одлука на жирито, победувајќи така многу други познати архитектонски студија. Со овој проект, UNStudio поставува нови стандарди во областа на одржливата и иновативна архитектура, додека Дизелдорф добива ново, динамично и мултифункционално „срце“.