Сместена во природно опкружување во префектурата Мијаги, куќата „Е“ е вгнездена на ливада од три страни врамена од стрмниот пејзаж, додека јужната страна нуди прекрасна глетка кон пространите оризови полиња.
Архитектонскиот концепт креира варијабилност на природното осветлување во внатрешноста, како низ текот на денот така и низ различните годишни времиња. На тој начин, дел од просториите во резиденцијата можат да бидат целосно осветлени од сончевата светлина, додека остатокот од внатрешноста да остане потонат во сенка. Контрастот на светло – темно ја збогатува внатрешноста со различна атмосфера и доживувања, истовремено обезбедувајќи контролирани и одмерени погледи помеѓу програмските содржини.
Подовите се изведени од разновидни светли и темни материјали, вклучувајќи обоен фурнир, бетон и дрво. Димензиите на прозорците варираат од тесни и долги лентовидни, до целосно застаклени фасадни површини.
Функционалната програма е организирана околу аголен коридор кој се провлекува низ централниот дел на објектот. Содржините ги следат двете страни на коридорот, креирајќи три засебни простори кои дефинираат отворена дневна соба, спална соба и детска соба.
Идејата за создавање на архитектура каде динамиката помеѓу светлината и сенката е есенцијална се поистоветува на верувањата на традиционалната јапонска култура дека темнината секогаш ја акцентира светлината, додека рафинираната култура секогаш го почитува присуството на темнината.