Петокот во Коњско доаѓа некаде околу пладне. Стигнува тука пред самиот ручек преку Ресен, Царев Двор, Сирхан и Отешево, Стење и пред самата граница со Албанија доаѓа во Коњско. Доаѓа откако рано наутро ќе ги испрати службениците, банкарите, адвокатите и останатите кои работат со и без нивните семејства на викенд покрај езерото кое го снемува. Има и пензионери, особено во ова време, дел остануваат до есен тука, дел доаѓаат повремено. Има и архитекти како мене желни за патување и за откривање нови места. Коњско ме дочека во зелено руво, распослано покрај езерото.
Во првите кадри стоеја селските куќи, повеќето новоизградени, со уредени дворови и градини. Потоа во кадар влезе езерото и чамците извлечени на суво покрај водата. Во далечината се гледа островот Голем Град или познат и како Змиски Остров или Свети Петар. Некои села се потполно заборавени, посетени само од оние што потекнуваат оттука. Одвреме-навреме се носат и странски туристи, со нас тој ден имаше и една група од Холандија. Во заборавените села природата како да е најкреативна.
Спас од короната многумина побараа во селата. Така и тука по короната почнале да ги реновираат напуштените куќи или да градат нови. Многумина, како и нашата домаќинка Ема, се потсетиле како се сади лук, компир, зелена салата, а децата тука наместо пред компјутер времето го поминуваат на чист воздух.
И веднаш штом доаѓаат луѓе во селото доаѓа некој од оние што веќе се тука, на видување. Се прави салата и се пие ракија. И да, за добредојде, локалниот жител Христо – Кице ни донесе крап од 4 кила кој го порачал нашиот домаќин Диме и кој ни го спреми за следниот ден. Кице, што би рекле ресенчани е многу чешит човек. Со својот чун превезува туристи до островот Голем Град. Не престанува да зборува, многу е забавен. Не нè послужи времето, езерото беше немирно и не успеавме да отидеме до островот, но тоа секако ќе го направиме во следната прилика.
Покрај куќата на Кице стоеше напуштена двокатна куќа со сутерен изграден од обработен камен, варосан, на места обоен со ’рѓата од решетките поставени на прозорците. Од камениот сутерен како да избиваше израз на пријателство, такво чувство имав. Како да ме гледаше. Тоа утро кога дојдов баш ми се допаѓаше кога поминував оттаму и кога си одев ми се чинеше дека оставам некого кој ме повикува да се вратам повторно.
Првиот ден почна да врне, доцнопролетен дожд. Селото не е големо, шетав малку низ него, малку покрај езерото кое е доста повлечено. Низ глава ми поминуваат разни работи, идеално место за размислување. Следниот ден шетав наоколу, некогаш сам, некогаш со пријателите. Во селото се познати три фамилии; Ѓоргијовци, Петревци и Тасевци. Останатите се новодојдени.
Селото како да е заборавено од локалната власт, се доаѓа по земјен пат, долг неколку километри, полн со дупки. На крај од патот се појавија првите куќи расфрлани низ зеленилото на брегот. Село од кое одамна си заминале селаните.
На самиот влез над селото, осамена и напуштена стои куќата на Секуловци. Се раскажуваат разни легенди за куќата на Секула, како овде што ја нарекуваат. Низ патека обрасната со трева и шумски цвеќиња, влажна од дождот што паѓаше претходниот ден, без мака се искачивме до неа. Прво дојдовме до тремот без ограда, потоа влегов во напуштените соби. Расфрлан мебел низ собите, стариот дрвен кревет сè уште стои, како и долапот на еден од ѕидовите. Она што било повредно некој го собрал.
Наоколу дрва стари со децении, достоинствено ја штитат куќата. Куќата е изградена од бондрук и плитар, како и повеќето куќи градени во тоа време. Ѕидовите и собите се сведоци за мала и обична селска куќа. Сигурно поседувала некоја своја внатрешна големина, пријатност и комфор за оние кои живееле тука, некаков посебен сјај, што знам? Има прекрасен поглед оттука кон езерото.
Можеби имало слави, веселби и свадби, не прашав, можеби имало ноќи кои сè уште живеат во нечии приказни. Гледајќи ги неколкуте стари напуштени куќи во селото размислувам колку животот е немирен и динамичен. Сè е во движење, разиграно, ене и езерото се повлекува, можеби пак ќе се врати? Сè оди горе-долу, на сите страни, нешто умира, друго се раѓа.
Над куќата на Секула води патека низ шумата. Тргнавме по неа кон црквата „Свети Никола“. Мир, мир, бескраен мир и тишина бликаат од секое дрво низ шумата. По пат беревме диви јагоди, мајчина душица, ајдучка трева, диво нане…! И многу цвеќиња, познати и непознати и преубави мириси.
Не видов што се случува на Фејсбук, не гледав телевизија, вести, не ја гледав ниту репрезентацијата на Македонија како губи од Украина. Уште сум жив, весел, стекнав дополнителен внатрешен мир, потпевнувам, исправен, издуван од ветерот, кој ми ја издува преостанатава коса и сега наликувам на глуварче.
Се појави сонце низ облачното небо. Планината беше влажна од дождот, но раззеленета. Водата капеше сè уште од лисјата кои се нишаа на ветерот, се слушаше шумолење во еднаква тивка мелодија. Таа тивка мелодија горе во планината ми кратеше по некој час од денот, додека посматрав околу себе. Се прашував како тие тивки звуци од капките, од нишањето на лисјата, од крикот на птиците, од некој поток што тука некаде течеше, жуборат во својата осаменост и никој не ги слуша, никој не мисли на нив, а тие и покрај тоа произведуваат пријатни звуци, тука, за себе – цела вечност. И слушајќи ги овие звуци, не ми изгледаше дека планината е потполно пуста.
Ноќите тука, како и секаде по нашите села, доаѓаат наеднаш од сите страни – и од нашата и од албанската и од грчката страна од преку езерото. Темнината легнува како наметка по луѓето, по куќите, по движењата. Наеднаш сè се смирува, скоро да нема никаков звук. Небото со денови е тмурно и врнежливо, чудно време за крај на пролетта. Месечината ја нема. Далеку сум од градската врева и од трчање некаде, од весници, интернет и луѓе, од Фејсбук и Твитер, од сето тоа побегнав, повикан во природата и од дружба со драги пријатели.
И сè што е добро многу бргу поминува, чинам. Поминаа три дена, неделата одненадеж одлета некаде преку езерото. Барем тој ден беше убав и сончев. Нè поканија пријатели во Горно Дупени на ѓомлезе. По пат за Скопје поминавме и оттаму. Во далечината остана езерото. Еден пеликан и два корморани кружеа над него. Од кај ли долетале дури ваму. А ние повторно им се враќаме на секојдневните обврски и на секојдневниот живот.
Текст и фото: Ангел СИТНОВСКИ, дипл. инж. арх.