На 26.Јули точно на 60. годишнината од земјотресот во Скопје добиени се резултатите од натпреварот кој се одржа во рамки на БЕТОН.Ск, настан кој е дел од серијата настани во рамки на Скопско асеизмичко лето. Симболично, испитувањето отпочна во 05.17 минути во ЦЛА (Централна Лабораторија Адинг) лабораторија акредитирана и за ваков тип испитувања.
За потсетување, натпреварот беше одржан во дворот на компанијата АДИНГ на 10.07.2023 и во него учествуваа 5 мешани тима составени од 3 натпреварувачи, од кои двајца студенти од Градежен факултет -Скопје и еден ученик од СГГУГС „Здравко Цветковски“ во Скопје. Предизвикот се состоеше во подготовка на бетонска мешавина, со која секој тим наполни по три калапи за вградување на бетон, а победник е оној тим чиј бетон ќе покаже најприближна или иста вредност на јакост на притисок од 30 МPa.
Целиот настан се одржа по мотото „НЕ СЕ КОЦКАЈ СО БЕТОН“ а целта беше да се подигне свеста за потребата, значењето и улогата на квалитетно домашно градежништво и за создавање на отпорни градби кои се единствен одбранбен механизам од дејството на земјотресите и другите природни хазарди.
Резултатите покажаа изедначена битка а ЦРВЕНИОТ ТИМ (бр.2) составен од студентите Емилија Стојанов и Андреј Стефаноски и средношколецот Симона Радичевска се победници и добитници на дополнителната парична награда од АДИНГ.