Универзитетот „Гоце Делчев“ е во финална фаза на подготовка на конгресен центар на планината Плачковица. Станува збор на адаптација која од некогашното детско одморалиште ќе направи современ мултифункционален објект. Намерата е на студентите од штипскиот универзитет да им се овозможат подобри услови за практична настава.
Објектот треба да биде завршен наесен, кога е предвидено по тој повод студентите од Факултетот за туризам и бизнис логистика да приготвуваат традиционални јадења. Студентите ќе работат заедно со своите колеги од Бугарија.
Целата инвестиција е резултат на грант кој УГД го доби од Фондот за прекугранична соработка со Американскиот универзитет во Бугарија. Во иднина овој конгресен центар ќе се користи за семинари, стручни советувања, но и ликовни колонии.