Министерството за енергетика на САД во соработка со администрацијата на Бајден, ја претстави својата прва Национална стратегија и план за чист водород. Овој сеопфатен план е дизајниран со цел да го забрзи производството, преработката, испораката, складиштењето и употребата на чистиот водород. Стратегијата означува клучна пресвртница во агендата на Бајден која носи назив „Вложување во Америка“, и која има за цел воспоставување на чиста енергија и постигнување на долгорочни цели за декарбонизација.
Водородот е најзастапен елемент во универзумот, но обично се наоѓа во комбинација со други елементи на Земјата, како што е водата (H2O) или јаглеводороди (како што е метанот CH4). Водородот се произведува така што се издвојува од овие соединенија. Складирањето на водородот подразбира безбедно чување на водородот во состојба која може да се користи како гориво.
Неколку земји ширум светот, го имаат препознаено овој потенцијал на водородот како клучен за одржлива иднина, и затоа вложуваат огромни средства во истражување, развој и примена на оваа технологија. Меѓу тие земји се Германија, Јапонија, Кина, Австралија, Јужна Кореја, САД и други. Според проценките на Министерството за енергетика на САД, растот на економијата базирана на енергијата добиена од водород, би можел да создаде 100.000 нови работни места до 2030 година. Стартегијата поставува амбициозни цели за домашно производство на чист водород – 10 милиони тони годишно до 2030 година, 20 милиони тони до 2040 година и 50 милиони тони до 2050 година. Овие иницијативи се поддржани со значително вложување од 9,5 милијарди долари за чист водород.