Руската државна нафтена компанија „Гаспром“ денес соопштила дека до 9-ти јуни го одложува ултиматумот за властите во Киев да го платат долгот за гас, нудејќи повеќе од една недела за решавање на спорот со Москва која се заканува дека на Украина ќе ѝ ја прекине испораката на енергенсот, пренесува Ројтерс.
„Исплатата за мај мора да се реализира до 9 јуни“, изјавил првиот човек на компанијата Алексеј Милер, потврдувајќи дека „Гаспром“ ја примил уплатата на дел од украинскиот долг.
Компанијата претходно соопшти дека од вторник ќе почне да го испорачува само количеството гас кое ќе биде однапред платено, по што испорачувањето кон Украина веднаш би било сопрено, а испораката на гас кон Европа би била нарушена.
Европскиот комесар Гинтер Етингер во петокот изјави дека делумната исплата од 786 милиони долари за веќе испорачаниот гас е на пат кон Москва, со што беше отворен патот за преговорите во Брисел кои ќе се одржат денес.
Киев со преговорите сака цената за 1.000 кубни метри гас да се врати на 268,50 долари, додека Москва бара 485 долари, односно највисока цена за некој клиент. Самата Европа од Русија добива една третина од вкупните потреби за гас.