Постоечката крстосница на булеварот „Партизански одреди“ со улицата „Ацо Шопов“ кај Порта Влае ќе замине во историјата. На нејзино место ќе се гради кружен тек со средишно зеленило, како прва фаза од проширувањето на булеварот кон населбата Ѓорче Петров. Градот Скопје потпиша два договори со градежната фирма „Бауер БГ“ за изградба на кружниот тек, проект во чии рамки ќе се изведе и атмосферска канализација кај постоечката крстосница. Градежните активности треба да се завршат во рок од пет месеци.
Од градскиот буџет за овој инфраструктурен проект е издвоена сума од 50.561.118 денари (околу 820 илјади евра). Во согласност со плановите на Градот Скопје, како наредба етапа од проширувањето на булеварот „Партизански одреди“ ќе биде изведбата на две нови коловозни ленти, средишно зеленило, велосипедски и пешачки патеки во должина од 700 метри, и тоа на потегот од Порта Влае до кружниот тек кај црквата Св. „Петар и Павле“ во населбата Ѓорче Петров.