Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, заедно со фирмата изведувач „Конструктор Рената и други“ изврши увид во градежните работи кои течат во подрачното основно училиште во Црниче, „Кузман Јосифовски Питу“, каде се имплементираат мерки за енергетска ефикасност, согласно проектот што го изготви „Прима Инженеринг-Скопје“.
Покрај замената на прозорците и столаријата, комплетно се реконструира и покривот на ова училиште, каде се поставува термичка изолација, снегобрани и систем за заземјување. Заради поголема изолација, објектот е веќе обложен со нова, енергетски ефикасна фасада во зелена и сива боја.
Градоначалникот Беличанец-Алексиќ посвети посебно внимание на делот од училиштето што треба да биде пренаменет во градинка за околу 60 деца. Се дискутираше за проблемите со кои се соочиле градежните работници при досегашната работа и можните решенија за нивно надминување, како би се обезбедила здрава и пријатна средина за престој на дечињата од овој дел на градот.
Проектот чини шест милиони денари, од кои четири милиони обезбеди општина Kисела Вода, а два милиона се донација од УНДП. Во дворот на ова училиште се гради и повеќенаменското игралиште од страна на Агенцијата за млади и спорт, вредно 7, 4 милиони денари.