Винаријата Томац, на педесетина километри од Загреб, е проект на архитектите од бирото „Два Архитекта“.
Специфично за овој проект е тоа што архитектите секој градежен материјал го користеле на начин да го прикажат во неговата изворна природност и тоа на начин да ја почитуваат природната средина.
Како што објаснуваат авторите за Vizkulturа, Доња Река е населба во контактната зона на Плешивичкото лозје и градот Јастребарско со претежно рурални карактеристики.
Во такво опкружување, семејството Томац веќе 70 години формира ансамбл од куќи кои обединуваат различни функции.
Поради зголемувањето на капацитетот на лозјето, се појавила потреба од проширување на винскиот дел во вид на доградба. Интерполирана е на начин што ќе создаде нов ансамбл кој ќе формира зелен пешачки плоштад во самиот центар.
Семејството Томац е познато по пенливи вина, а винската карта се базира на мацерирани вина кои стареат во големи дрвени буриња и амфори.
Регионот е познат по дрвените буриња, а стареењето и чувањето на виното во амфора (quevri), која е закопана во земја на местото кое се нарекува marani, е древен грузиски метод.
„Потпирањето на традицијата, враќање на вредностите што ги наследивме од нашите дедовци, користењето на древните, но модернизирани технологии и искуства од сродните региони е патот што води до природни и неограничени вина“, наведува бирото.
Новата зграда на винаријата е рамка која го вдомува тој начин на размислување, а задачата на архитектите била со архитектонски јазик и изразни средства, да ја испратат истата недвосмислена порака како и вината што ќе престојуваат во објектот.
Во близина на винаријата се наоѓа земјоделски двор со дрвен објект за складирање и штала стара 100 години со ѕидови од тула.
Сознанијата стекнати за време на посетата на местото им послужиле на архитектите како инспирација и биле клучни во донесувањето на сите важни одлуки во процесот на проектирање во однос на типологијата и градителските елементи, сместување на објектот на локација, изборот и третманот на материјалите. …
Како што биодинамичен производител на вино, за да добие вино без интервенција, користи грозје во квалитет каков што му го дала природата, така и архитектите го користеле секој градежен материјал на начин за да го прикажат во неговата изворна природност.
Во близина на винаријата има поток, шума и лозје. Винаријата, според својата концепција и избор на материјали, е интегрирана во тој природен амбиент со намера да стане составен дел од еко-системот што ја опкружува, заради зачувување на биодиверзитетот.
Како што објаснуваат авторите, просторот на винаријата е функционално и обликовно организиран по вертикала.
Подрумското ниво со основа во облик на латиничната буква L ги поврзува стариот и новиот подрум, има корпи за стареење пенливо вино во шишиња и дискретно одвоена просторија за архива со кружна основа.
Подрумот е целосно изведен од натур бетон.
Во едноставниот волумен на приземјето со правоаголна основа (кутија) сместени се големи дрвени буриња. Носивниот систем се состои од армирано-бетонски скелет со касетирана таваница и ѕидови од тули.
Армирано-бетонскиот скелет е видлив само во внатрешноста бидејќи е „облечен“ во ѕидови од тули однадвор, па тие стануваат важен елемент на приземјето.
На кутијата на приземјето се потпира дрвена конструкција и ја наткрива како шешир.
„На овој начин во приземјето ги добиваме надворешните покриени простори неопходни за функционирање на винаријата, особено за време на берба“, велат архитектите.
Над кутијата на приземјето, дрвена конструкција формира тавански простор кој првенствено е наменет за сушење земјоделски култури.
Елементите на дрвената ламелирана конструкција и дрвената масивна ограда се реминисценции на традиционалниот простор за складирање и неговиот автентичен амбиент.
На врвот на винаријата има кровна градина за садење билки кои се користат за биодинамички состојки. Градината е опкружена со сламен покрив од сите страни.
Винаријата Томац е номинирана за наградата „Виктор Ковачиќ“ за најуспешно достигнување во сите области на архитектонското творештво за 2022 година, што ја доделува Здружението на хрватски архитекти.