Германската компанија Büscher, произведува бетон и го одвезува и одлага отпадниот градежен материјал. Со оглед дека станува збор за сериозни количини отпад, од компанијата барале начин како истиот да го искористат. После осум години истражувања, тие го претвориле градежниот отпад во внатрешни ѕидови на нов објект, прва зграда направена од 75% рециклиран материјал. Кога оваа компанија била формирана во 1961 година, бетонот го правела на традиционалниот начин. Но, сега градежниот отпад, вклучувајќи го и оној соберен после рушење, е искористен на начин кој го заменува песокот за правење на внатрешни носечки и други ѕидови.
Отпадот од рушење инаку се користи како агрегат (гранулат) во изградбата на патишта. Според податоците од Сојузната агенција за животна средина, во Германија само во 2018 година се генерирани 73,9 милиони тони материјал од градежен отпад. Сепак, од рециклираниот градежен материјал, само 15,8 милиони тони се користи во производството на асфалт и бетон. На компнијата и требале осум години за ова свое иновативно решение главно поради ограничувањата во германското законодавство. Имено, рециклираните градежни материјали не се регулирани во германското законодавство. Може да се користи само во поединечни случаи, со посебно одобрение. Така во 2021 година, компанијата добила одобрение од Германскиот институт за градежна технологија. Подготовките биле долготрајни, но изградбата на станбениот објект за три семејства од монтажни елементи трааела само четири месеци. Инсталациите се интегрирани во монтажните плочи, кои имаат мазна површина, така што не е потребно малтерисување.
Проектот на Büscher е во согласност со принципите на циркуларната економија: тој е одржлив и климатски неутрален. Компанијата користи електрична енергија добиена од сопствени постројки на обновливи извори.