Архитектите од бирото Plan:b arquitectos од Меделин, Колумбија се соочиле со обемна програма на оваа селска куќа за едно семејство. Тие ги поделиле главните простори на единаесет волумена, распоредувајќи ги неправилно на голема рамна парцела во Envigado на северозапад на Колумбија.
Предвидени се осум волумена на едно ниво и три на две нивоа, кои се прилагодуваат на топографијата и овозможуваат директен пристап низ холот и секундарен пристап низ кујната, пишува ArchDaily.
И иако нивната ротација е неправилна, сите се лоцирани долж циркулацијата што се движи во правец исток-запад, оставајќи ги собите и трпезаријата свртени кон југ и сервисните простори свртени кон север.
Како и во фрлање коцки, позицијата на секој волумен во куќата е случајна, но следи прецизни правила. Заедничките простории – лоби, ходници, градини, тераси – даваат единство на куќата, овозможувајќи пристап до природна светлина и создавајќи внатрешни градини.
Тридимензионалната неправилност, која овозможува поголема пропустливост, пристап на светлина и вентилација, е во контраст со изборот на три фасадни материјали: метални панели во боја на графит, натур бетон и фурнир од црн камен.
Внатре, секој волумен има пристап до светлина од кровот преку стратешки лоцирани светларници.