Додека извозот на возила од старите индустриски земји напредува бавно или никако, побарувачката за автомобили од Кина рапидно расте, а Кина веќе се наметна како трет најголем извозник на автомобили во светот.
Долго време на кинеските автомобили се гледаше со потсмев. Но, тоа се менува, и тоа доста брзо.
Кинезите наскоро може да ги престигнат големите автомобилски нации кога станува збор за извозот. Тие веќе се искачија на третото место во светот.
Кина сака да се пробие на самиот врв на светскиот пазар на автомобили. По неколку неуспешни обиди да станат значаен фактор на светскиот пазар, кинеските производители на автомобили неодамна постигнаа голем успех, пишува Дојче веле.
Според податоците на кинеската автомобилска асоцијација KAAM, извозот на автомобили од Кина од 2020. година е тројно зголемен. Сега изнесува околу 2,5 милиони возила годишно.
Со ова Кина се искачи на третото место на светската листа на извозници. Само Германија е пред неа, а Јапонија е на врвот.
Минатата година од Германија се извезени 2,61 милиони автомобили, додека Јапонија испорача околу три милиони, наведува Здружението на германската автомобилска индустрија (ВДА). Сепак, додека извозот на возила од старите индустриски земји напредува бавно или никако, побарувачката за автомобили од Кина рапидно расте.
Таа трка е централна тема на автомобилскиот саемт кој се отвори на 18. април во Шангај и ќе трае до 27. месецов.
Кинеските производители веќе се лидери на пазарот за делови од Блискиот Исток и Латинска Америка. Но, дури и во Европа се повеќе автомобили се „Made in China“.
Пред повеќе од десет години Кинезите се обидоа да се етаблираат во Европа, но во ерата на мотор со внатрешно согорување не можеа да го намалат јазот во однос на западната конкуренција. Со возила со сомнителен квалитет, тие не поминаа најдобро на безбедносните тестови.
Но, сè се промени со масовната појава на електричните автомобили. Овде кинеските производители одеднаш се сметаат за технолошки лидери.
Според зборовите на експертите за автомобили, благодарение на пораното стартување, Кина не води само во производството на електрични автомобили. И што се однесува до поврзувањето и автономното возење, некои кинески производители се подобро позиционирани од, да речеме, нивните германски конкуренти.
Кинеската групација Geely стратешки предвидливо пред неколку години го презеде шведскиот бренд Волво и целосно се насочила кон електричната иднина. А и кинеските брендови за е-автомобили како BYD или Nio полека се пробиваат во странство.
Кинезите во моментов започнуваат стратегија за глобализација со нивните е-автомобили, што ги погодува не само Европа и Германија, вели експертот од индустријата Штефан Рајндл.