Новогодишните и божиќните свечености се симболизираат со колиби, варено вино, колачи, Дедо Мраз, но можеби највеќе со своите новогодишни елки. Секој град кој држи до себе е горд на својата новогодишна и божиќна елка. Затоа не се пропушта приликата да се откријат најубавите новогодишни елки ширум Европа.
Виена
Секоја година друга австриска покраина за Божиќ ѝ испраќа дрво на Виена. Но секако не кое било дрво, туку џиновски примерок кој се издига на плоштадот пред градската куќа Rathausplatz и го прави централен дел на најпопуларниот божиќен маркет во земјата – Christkindlmarkt. Пристигнувањето на дрвото го означува неофицијалниот почеток на сезоната на празнување во Виена, со отворање на сите божиќни пазари. Светлата на елката обично се вклучуваат на истиот ден кога се отвора околниот маркет.
Провинцијата Штаерска го обезбеди дрвото за 2022 година: смреката од 28 метри доаѓа од Адмонт во Горна Штаерска.
Париз
Секоја година, како што се наближува празничната сезона, величествената новогодишна елка се појавува под куполата на Galeries Lafayette во Париз, – долгогодишна и обожувана традиција. Оваа година, во духот на „Божиќно патување“, дрвото е украсено со украси од целиот свет. Обединувајќи мноштво божиќни традиции, илјадници дарови висат од снежните гранки на елката, одразувајќи далечни земји. Околу дрвото украсно танцуваат блескави фенери и авион. Дополнително, светлата на куполата се гасат на секои 30 минути за да откријат спектакуларно звучно и светлосно шоу.
Будимпешта
Величествената новогодишна елка пред унгарскиот парламент е совршена почетна точка за шетање низ Будимпешта и воодушевување на убавината на украсите и илуминациите на унгарската престолнина.
Сребрениот бор висок 18 метри и со дијаметар на стеблото 70 сантиметри е на семејство во селото Апц, ја красел градината на нивната куќа – постара двојка, која го засадила пред неколку децении, а борот станал дел од нивниот живот. Одлучиле да го донираат големиот 42-годишен бор, бидејќи се плашеле дека ќе падне во бура. Г-дин Mihály Cseh и неговата сопруга со солзи зборуваат за тоа колку се среќни што нивниот бор оди на достојно место.
Прага
Она што навистина ја издвојува прашката елка, не е само нејзината огромна големина и неверојатната декорација. Процесот на добивање на дрвото е исто така неверојатен. За почеток, елката се бира од повеќе од 30 различни дрвја – и ниту едно од дрвјата не е од јавна шума. Во основа, дрвото е избрано од специјални новогодишни елки кои се добиени од приватни градини.
На ова уникатно дрво ќе му се восхитуваат стотици илјади луѓе во текот на декември, а е централна точка на Прашкиот божиќен пазар на Стариот градски плоштад.
Санкт Петербург
За да се доживее единствена божиќна прослава, тогаш треба да се посети Санкт Петербург за да се добие автентичен впечаток за руските божиќни традиции. Божиќ во Санкт Петербург започнува со откривање на слики од сауни, замрзнати канали, куполи прошарани со снег, сè тоа проследено со црковни ѕвона.
Секако дека е тука и новогодишното дрво поставено зад барокниот Зимски дворец, поранешната официјална резиденција на руските монарси. Оваа елка се состои од зелени гранки прикачени на жичана рамка. Како најголема елка во градот, таа е место на собири во текот на зимските месеци.
Келн
Келн е една од омилените дестинации за божиќните патници. Овој град се чини дека е направен за Божиќ. Тој е еден од најавтентичните и најубавите божиќни маркети во Германија. Мирисот на печени јаболка, бисквити со цимет и варено вино се шири низ уличките, а многу божиќни маркети со различна тематика ги канат луѓето да се шетаат, купуваат и истражуваат. Најголемиот божиќен маркет е во центарот на Келн, секако и со најголемото божиќно дрво, но и помалите божиќни маркети во градот имаат многу да понудат.
Стразбур
Стразбур е главен град на Божиќ, кој често се имитира, но ретко кој му е рамен. Тој е совршена дестинација за прослава на Божиќ со традиционален божиќен маркет и илуминации. Тешко се одолева на печивата и на варено вино во овој прекрасен француски град.
Пристигнувањето на елката во Стразбур е секако еден од најважните настани во годината и го одбележува почетокот на божиќниот маркет. Новогодишната елка е една од најголемите во Европа и една од најубавите.
Лисабон
Дали сакате Божиќ под сонцето во единствената европска престолнина свртена кон океанот?
Божиќното дрво во Лисабон се смета за највисока елка во Европа, оваа елка е и еколошка, направена е од LED-диоди; целосно е вештачка и повторно се користи секоја година. Висока е 76 метри и може да се види од голема далечина, дури и од Cristo Rei, еден од иконичните симболи на Лисабон.
Рим
Новогодишните елки кои се поставени покрај спомениците и градби од историско значење во Рим обично се осветлени на едноставен начин, но поради тоа не помалку убави. Добар пример е дрвото кое секоја година се поставува покрај Колосеумот, високо 22 метри. Свеченоста на местото ѝ дава на оваа декорација одредена божиќна магија и може да се направи извонредна божиќна фотографија со Колосеумот во заднина.
Монте Карло
Најелегантната и најгламурозната елка во Европа е дефинитивно во Монако, а елеганцијата и еколошката одговорност се и во новогодишните украси.
Градот е главна дестинација за блескава божиќна сезона. Настани и приредби за крајот на годината, гурманските оброци, вечерите во прославеното казино, тука се сите состојки за исклучителни прослави на крајот на годината во Монако. Божиќната елка се наоѓа на Place du Casino, кој секоја година ја пречекува во грандиозен амбиент.