Вчера во Чифте амам Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ ја додели Големата годишна награда 2022 година (ГГН), за најуспешно реализирано дело во тековната година од областа на архитектурата, која традиционално се организира под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
Добитници на Големата годишна награда на ААМ се Марија Димитриевска и Елена Пазарџиевска од проектантско биро „Архитектура нова“ за проектот Вила за современо домување, викенд населба на Велешко Езеро.
Свеченоста ја отвори претседателот на ААМ, Мишко Ралев, кој ги поздрави присутните. Претседателот Стево Пендаровски го прогласи добитникот и свечено ја врачи наградата. Тој во своето обраќање истакна дека оваа манифестација дава извонредна можност да се фрли поглед врз актуелните случувања во македонската архитектура која ги одразува општествените, економските, технолошките и естетските тенденции на национално и меѓународно ниво.
Тој рече дека градителството во транзицијата кај нас е обременето од трката за брза заработка и посочи на дилемата со која се соочува секој архитект, како да се задоволи барањето на инвеститорите, а да не се згази врз сопствениот творечки талент и да се гради по мерка на човекот и неговите потреби.
Порта 3 им ја честита на добитниците оваа значајна награда за Вила на Велешко Езеро, чиј квалитет Порта 3 го препозна и веќе пишувавме за објектот.
Фото: КИРО ПОПОВ