Одбележувањето на 15 годишнината на Комората на овластени архитекти и овластени инженери – КОАИ беше организирано на 16 декември 2022 година, во просториите на Комората. Раководството на Комората одлучи одбележувањето на овој јубилеј да биде скромно во смисла на организација, но несебично и искрено во оддавање признание на сите оние архитекти и инженери кои низ годините дале свој придонес за развојот на инженерството, развој на Комората, развој на своето професионално одделение или на струката воопшто.
Присутните ги поздрави м-р Кристинка Радевски, Претседател на Комората. Во своето обраќање таа истакна:„… значајните годишнини се прославуваат со цел да се подзапре, да се фрли поглед назад, да се направи ретроспектива на сработеното, рефлексија на оствареното наспроти ветеното, премерување на резултатите и проверка на курсот, дали сме сѐ уште на вистинскиот пат“. М-р Радевски, во продолжение на обраќањето во кратки црти ја изнесе сопствената визија за иднината на Комора – воведување на БИМ за сите видови објекти, е-одобрение, е-урбанизам, е-дневник, е-Комора, комплетна дигитална трансформација и интеграција на сите процеси на работењето; плата за секој архитект и инженер достојна на неговиот труд па дури и повеќе; работа за сите наши деца овде, во татковината, а не надвор од неа распрскани на сите страни на светот. Во оваа насока, таа го заврши излагањето со цитирање на својата животна девиза, која гласи: „Сонувај големо, работи напорно, остани фокусиран, биди скромен и невозможното НЕ постои“.
И оваа година беа доделени традиционалните годишни именувани награди на истакнати членови на КОАИ.
ДОБИТНИЦИ НА НАГРАДИТЕ ЗА 2022 ГОДИНА
„Проф. д-р Александар – Цане Ангелов, дипломиран градежен инженер“
Силјан МИХАЈЛОВСКИ, дипл. град. инж., ко-добитник
Беким ЕМУРЛАИ, дипл. град. инж., ко-добитник на наградата
„Проф. Борис Чипан, дипломиран инженер архитект“
Димитар ГЛИГОРОВ, дипл. инж. арх.
„Проф. д-р Станимир Јовановски, димпломиран електро инженер“
Ацо ТРПОСКИ, дипл. ел. инж.
„Проф. д-р Илија Черепналковски, дипломиран машински инженер“
Соња КИТАНЧЕВА ПЕТКОВСКА, дипл. маш. инж.
Покрај традиционалните беа доделени и специјални признанија за архитекти и инженери кои со својата посветеност 15 години во континуитет, се вградиле во јадрото на Комората. Исто така, беа доделени благодарници и на пријателите – долгогодишни соработници на Комората.
Гостин на свеченоста и добитник на признание за особен придонес за развој на инженерството беше Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.