Повластената тарифа се погрижи за вистински соларен бум во Шпанија. Во сончевата земја има постројки кои произведуваат вкупно четири гигавати електрична енергија. Доволно за да обезбедат со струја две милиони домаќинства. Во меѓувреме, Шпанија произведува повеќе енергија отколку што троши. Минатата година, како реакција на тоа, владата драстично ја намали поддршката за соларна енергија и тоа ретроактивно, значи и за постоечките фотонапонски постројки.
Инвеститорите сега добиваат двојно помалку за нивната сончева енергија, што при многу високите трошоци за одржување на фотонапонските постројки не е доволно да се заработат пари. Меѓутоа, економистите сметаат дека владата нема избор, и едноставно не може да си дозволи и натаму да плаќа толку високи цени за сончева енергија, зашто финансиската криза сѐ уште не е надмината, а државата никогаш досега немала толку високи долгови. Преку илјада инвеститори во меѓувреме поднесоа тужби пред шпанските и европските судови против ретроактивното кратење на тарифите.