Со отворање на изложбата „Словенски ракописи од Македонија од ХIII до XIX “ во Ватиканските музеи, вечер почнува културната програма од 46. манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“.
Ќе бидат изложени 30 оригинални ракописи од Македонија кои ги поседува Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, Државниот архив, Заводот и музеј Битола, Македонската академија на науките и уметностите и други институции.
Според министерката Канческа Милевска, со изложбата се дава огромен придонес за запознавање на меѓународната јавност со оригиналните ракопоси од Македонија.
„Со овие оригинални ракописи се потврдува илјадагодишната традиција на писмениот јазичен развој на Македонија. Се прикажува словенската писмена традиција, нејзината стандардизација од почетокот од страна на светите Кирил и Методиј во втората половина на 9-от век“, изјави министерката за култура Канческа – Милевска.
Таа очекува изложбата со оригиналните ракописи да привлече огромно внимание и да има голема посетеност.
„Во прекрасниот Ватикански музеј, каде се гледаат вековната изложба и вредните артефакти од најразлични периоди, се надевам дека ќе има можност светот да ја запознае Република Македонија преку овие оригинални вредни ракописи“, рече Канческа Милевска.
Изложбата е во организација на НУБ „Св. Климент Охридски од Скопје“.
Во октомври 2012 година беше поставена во Кралскиот музеј Мариемон во Белгија.