Американскиот милијардер Илон Маск најави дека очекува клиничките испитувања на безжичниот мозочен чип, развиен од неговата компанија „Neuralink“ да започнат на луѓе за половина година, откако претходно поставените рокови истекоа.
Компанијата „Neuralink“ создава мозочни чипови кои се замислени така да им овозможат на луѓето со парализа да ги повратат моторните функции. Исто така, предвидено е да се лечат болести на мозокот како Паркинсонова, Алцхајмерова болест и деменција.
Невротехнолошката компанија во јануари распиша конкурс за персонал кој ќе спроведува клинички испитувања на мозочниот чип на луѓе, уште тогаш верувајќи дека ќе добие одобрение од регулаторната агенција.
Додека чекаше дозволи за тестови на луѓе, компанијата спроведе голем број експерименти врз животни во последниве години.
„Зеленото светло“ за тестирање на луѓе се издава од американската Агенција за храна и лекови (FDA), пренесува Ројтерс.
За време на обраќањето во седиштето на „Neuralink“, на тричасовната презентација, Маск изјави дека намерата е „да бидат исклучително внимателни и сигурни дека сè ќе функционира добро пред уредот да се вметне во човечкото тело“.
„Мислам дека повеќето наши документи ги доставивме до Агенцијата за храна и лекови и веројатно за околу шест месеци би требало да добиеме дозвола за да го тестираме чипот на луѓе“, рече Маск.