Досегашното работење на германските компании се сведуваше на едноставна формула: увоз на суровини и истовремено производство на делови во земји каде работната сила е евтина, па потоа сето тоа да се склопи во Германија во вреден производ што може да се продава скапо на светскиот пазар.
Но, сега за индустријата базирана во самата Германија, освен скапата работна сила, има уште еден проблем: се поскапите енергенти.
Ова во суштина значи дека треба уште повеќе да се произведува во странство: „Просторот на Германија е под се поголем притисок“, вели Јуп Ценсен од германската Комора за индустрија и трговија (ДИХК). Тоа се гледа и од фактот што книгите со нарачки се се попразни.
НЕМА ВРАЌАЊЕ НА СТАРО
Индустриското производство во развиените земји од западна Европа веќе подолго време се намалува, а во тој тренд, иако нешто помалку, е и Германија. Индустриското производство, на пример, сочинуваше 22,8 отсто од БДП на земјата во 2016 година, а минатата година само 20,8 отсто.
Ерик Хајман од Дојче банк верува дека оваа сегашна енергетска криза е пресвртница: „Кога за десет години ќе се осврнеме наназад на оваа енергетска криза, ќе видиме дека тоа бил почеток на уште побрза деиндустријализација на Германија“.
Урлих Катер од Дека-банка е уверен: „Компаниите на кои им треба многу енергија за да работат и кои сега го намалуваат производството, никогаш нема да го вратат производството на ниво пред кризата. Тие ќе го преселат своето производство во земји каде што енергијата е поповолна – па дури и во Северна Америка, и покрај фактот што доларот во моментов е повеќе од скап“.
Пресметката е јасна, но тука е и дилемата: и во Германија и во цела Европа се сфати колку е болно да се биде зависен од увоз – од лекови и фармацевтски производи, па до чипови и високотехнолошки производи.
Дури и во текстилната индустрија се увиде колкав е ризикот кога се чека контејнер со роба за следната сезона што можеби ќе стигне навреме, а можеби и нема. Во секој случај, и политичарите и стопанствениците велат дека производството треба да се врати во Европа.
Што да се прави? Многу мали фирми кои не работат на глобално ниво немаат никаков избор. Згора на тоа, тука е и процесот на автоматизација на производството, што подразбира дека ќе опстанат само оние компании кои имаат средства за големи инвестиции – но со помалку работни места.
Многу работи веќе нема да можат да останат како што беа, дури и кога станува збор за кинескиот пазар. Урлих Катер предупредува дека и оваа земја сака значително да го намали својот увоз.
И ГЕРМАНИЈА НЕ Е ТОА ШТО БЕШЕ
Опасноста за индустрискиот простор на Германија лежи и во огромните потешкотии со инфраструктурата.
Јерг Кремер од Комерц-банка предупредува дека веќе со години се забележува „ерозија на квалитетот на германскиот индустриски простор“: патиштата и железницата се дотраени, информатичката мрежа е полоша отколку во некои многу посиромашни земји, а тука се и навидум несовладливите проблеми во свртувањето кон одржливи извори на енергија.
Додуша, дека може поинаку се гледа по брзината со која Германија гради терминали за течен гас.
Во секој случај, времињата на евтина енергија нема да се вратат, а цената неизбежно ќе ја платат малите и средни компании, пред се во оние економски сектори каде што се троши многу енергија, смета Ерик Хајман од Дојче банк: „Прилагодувањето на новата ера во снабдувањето со енергија ќе биде преголем предизвик, поради кој некои компании ќе мора да пропаднат“.