Доколку еволуцијата на човечкото општество би се сумирала во не повеќе од три збора, тоа би била индустријализацијата, урбанизацијата и глобализацијата. Индустријализацијата води до директен аутпут на економски раст, што дополнително му дава поттик на процесот на урбанизација и во развиените и во новоиндустријализираните земји, главно преку специјализација на работната сила и невидениот развој на неземјоделските сектори. Несомнено, историските факти и статистиката откриваат дека скоро сите развиени земји имаат повисоко ниво на БДП по глава на жител и исто така повисоко ниво на урбанизација. Бројни студии потврдуваат дека нивото на урбанизација е во тесна корелација со нивото на БДП по глава на жител. Општо е прифатено дека економскиот раст промовира проширување на современите индустрии и зголемување на урбаното население; за возврат, урбанизацијата до одреден степен го промовира и економскиот раст. Светската урбанизација брзо се менува особено во последните три децении отколку претходно, во оваа ера на глобализација. Пред само неколку години, научниците велеа дека повеќе од половина од светското население ќе живее во урбаните средини, а тоа денес изнесува повеќе од 50% од вкупната бројка. Но, што ако економскиот развој ја доведе во прашање градската урбаност менувајќи ја до непрепознатливост?
Забрзаната урбанизација и силување на просторните капацитети до максимум, надвор од можностите, придонесува за креирање на дизбалансни импликации врз инфраструктурата, урбани стресори, рестриктивност во движењето во постојната матрица, каде што витално прашање е дали брзиот раст на урбаното население може да помогне да се подигне животниот стандард и да се намали сиромаштијата без да се деградираат екосистемите од кои ни зависи животот.
Но, што кога градот е глув и нем за потребите на неговите корисници? Оттука произлегува потребата од дефинирање на поимот конгруенција, која има за цел ги детектира влезните и излезни инпути според кои се мери усогласеноста на визијата и целите на градското ткиво и колку тие ги отсликуваат потребите на урбаните простороуживатели. Според социокултурната школа за хумана екологија, постојат неколку клучни параметри според кои може да се утврдат колку актуелните физички и социјални услови се во согласност со околината.
1. Преку акцентирање на економските детерминанти на однесување и благосостојба, притоа игнорирајќи ги психолошките и културните влијанија.
2. Занемарување на симболичкото значење на местото, кое понекогаш е помоќно од економските интереси.
3. Нерешавање на екстернализираните трошоци на економското производство.
ДВЕ ИСТОРОДНИ УРБАНИ ЧЕТВРТИ ВО СКОПЈЕ
Вистината е дека градовите сепак се еден од највисоките дострели на човековата еволуција. Тие имаат моќ да иновираат, да генерираат богатство, да го подобрат квалитетот на животот и да сместат повеќе луѓе во помал обем со помала употреба на ресурси по глава на жител од кое било друго населено место. Поради тоа клучно е, да ги воочуваме промените во урбаната матрица и да ги елиминираме негативните влијанија на процесите во локален контекст, кои се во насока спротивна од начелата каде тежнее заедницата во идниот период. За таа цел, во понатамошниот текст предмет на разработка ќе бидат два истородни урбани четврти во Скопје и тоа, З 06 во Општина Карпош и С15 во Општина Бутел, со посебен фокус на економскиот развој и неговите влијанија на градската структура и идентитет.
Фактори како економијата влијае врз урбаното ткиво:
a. трансформативно врз земјиштето
б. влијанието на местоположбата и близината на економскиот центар
в. повисоки трошоци (земјиштето и работна сила) и се неутрализираат со зголемениот метеж.
г. импликациите на урбанизацијата за еколошките системи и користењето на природните ресурси
д. типолошка варијабилност на урбаното ткиво преку директно загрозување на градските силуети, атмосфери и симболизмот на градот
Поглед од Жданец кон Тафталиџе
финските бараки во Тафталиџе
ул.Прашка во Тафталиџе за време на изградбата на чешките бараки
ТАФТАЛИЏЕ
Тафталиџе е градска населба во Скопје која се наоѓа западно од центарот на градот. Таа се состои од три урбани заедници и е дел од Општината Карпош. Се наоѓа во југозападниот дел на градот, на десната страна од реката Вардар. Тафталиџе се простира во Скопската Котлина во подножјето на планината Водно. Главна сообраќајница на оската исток-запад е булевар ,,Партизански одреди“ кој на источната страна ја поврзува населбата Тафталиџе со центарот на градот, а на западната страна преку мостот „Обединети нации“ на реката Вардар ја поврзува со населбата Влае.
Населбата Тафталиџе името го добива од турскиот збор тахталиџе, што во превод значи маало со дрвени куќи. Ова име го добива бидејќи долго време просторот на денешната населба Тафталиџе била една голема ливада со неколку дрвени куќи, каде скопјани се собирале поради чистиот воздух и убавата природа. Затоа ова излетничко место кај граѓаните било познато и како воздушна бања. Десетина години по Втората светска војна, кога Скопје почнало масовно да се населува, куќи почнале да се градат и во овој дел од градот. Во постземјотресниот период истото се гради со ниска и делумно висока станбена структура. Најголемиот дел од зоната за домување потпаѓала под некогашните бараки (со помош на донации од Полска, Чешка, Мексико, Франција, Швајцарија, Кралството Норвешка и САД), романските згради и останатите се изградени во 70-тите и 80-тите години последователно.
БУТЕЛ
Општина Бутел пак, е една од десетте општини на градот Скопје. Општината е основана со Законот за територијална организација од 2004 година и се наоѓа во северниот дел од Скопската Котлина со правец на протегање север-југ. Општина Бутел е градско-рурална и се состои од 5 населби (Бутел 1 и 2, Скопје Север, Визбегово и Радишани) и 4 села (Љуботен, Љубанци, Визбегово и Радишани). Најголемиот број на жители е концентриран во урбаниот дел на Општината, каде живеат повеќе од половината, од вкупниот број жители на Општината. Инфраструктурно таа се поврзува со Чаир преку бул. „Христијан Тодоровски-Карпош“, бул. „Босна и Херцеговина“, бул. „Словенија“, бул. „Македонско-косовска бригада“, со руралниот дел од Општината со ул. „Бутелска“ (Радишанска) и бул. „Качанички пат“ со Општина Карпош и обиколницата со останатите делови од градот.
„Натанаил Кучевишки“, Општина Бутел по изградбата на монтажните бараки во 1970-тите години
Според одредени извори, коренот на зборот „бутел“ е старословенски, што значи дом или жилиште. Човекот некогаш, своите живеалишта ги врзувал за плодни места и оттука потекнува значењето на името Бутел, дом или вкоренетост. Пред периодот на населување на Турците Османлии, односно денешниот урбан дел на Општината, дотогаш бил ненаселен и главно претставувал земјоделско обработливо земјиште. Во постземјотресниот период, како резултат на засилените мигративни процеси, индустријализацијата на Скопје и визијата за надминување на општествено-етничките разлки помеѓу левиот и десниот брег на реката Вардар со Генералниот план од 1965 година, во овој дел се доселуваат жители од разни делови наМакедонија. Урбанизацијата се случува во доцните 60-ти и 70-ти години, со изградбата на монтажните приземни бараки од Кралството Велика Британија и двокуќите произведени во Босна и Херцеговина.
КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА РЕГУЛАЦИСКИТЕ ПЛАНОВИ ЗА ГРАДСКИТЕ ЧЕТВРТИ С 15 И 3 06
Иако станува збор за наменски прилично исти типолошки урбани јадра, сепак местоположбата, на Тафталиџе до клучно-развиените правци, по инфраструктурната лонгитудинала на Скопје, ќе го овозможи економскиот развој, структурално изменувајќи го изграденото ткиво, од домување со намена А1 (претежно ниска индивидуална урбана структура организирана во блокови и висока по ободот на собирните улици) до густо урбано ткаење со намена А2. Додека во Бутел овој процес ќе се одвива побавно. Во обата случаи, концентрацијата на домувањето ќе биде во служба на околната индустрија (фабриките Железара, Алумина, Треска….) и како резултат на надоместување на станбената потреба по штетите од земјотресот.
Регулациски план за Градска четврт З 06, плански период 2018-2022 година
Регулациски план за Градска четврт С 15, плански период 2020-2022 година
Нерамномерена и несинхронизирана градска форма. Двата градски четврти, се соодветен пример за тоа како не треба да се развива одредено урбано јадро. Додека едното континуирано се менува, во чекор со економската експанзија, апетитите на инвеститорите, давајќи му примат на приватниот интерес, и тотално занемарувајќи ја општествената свест, кај другото, таа тенденција бележи благ раст, во најголем дел предизвикана од последователното градско игнорирање на северните градски четврти со последните неколку генерални урбанистички планови на Скопје.
Динамика на донесување урбанистички планови. Горенаведените практики се воочливи со динамиката на менување на планска документација, (планови кои одамна не се одлика на потребите на модерниот човек, отежнувањето на законските регулативи го забавува ама не и елиминира проблемот).
Додека во Бутел сè уште за најголем дел од станбените зони долж примарната сообраќајна мрежа се во важност планови од 1982 и 1993 година (ДУП за Бутел 1 бараки, Измена и дополна за ДУП за нас. Радишани), каде сè уште е задржана основната урбана матрица од 1970-тите години, денес прилично дерогирана, од менување на законските регулативи (за градење, легализација и урбанистичко и просторно планирање), што ни одблизу не ја емитираат конгруентноста на корисниците со градското ткиво. Доколку се анализира оформувањето на градежните парцели и урбаната логика на планските опфати се забележува занемарувањето на сопственоста, давајќи му предност на планирањето во насока на зачувување на јавниот интерес (остаток од претходниот државен политички систем). Што ако се земат предвид насоките со кои денес се планира градската структура, можеби ќе остане едно од ретките достоинствени градски простори, кои ќе сведочат за едно време кога беше важно општественото, социјалната вмреженост и вредностите.
„Натанаил Кучевишки“, Општина Бутел денес
Во Тафталиџе пак, менувањето на планската документација е потурбулентно и во согласност со апетитите на приватните сопственици, и покрај обидите за отпор кај населението. Со тоа не само што се наруши зоната за домување во индивидуални куќи во внатрешноста на блоковите, туку се потенцираше и недостигот од паркинг-места, непропорционалноста во градските силуети, препишувајќи го рецептот од Центар за тоа колку достоинствен зелен простор по глава жител треба да се има, лишувајќи ги жителите од природна инсолација и проветрување, а и од приватност, ако тоа е сè уште можно да се зачува во град на кој репер за планирање му станаа фавелите во Сао Паоло.
населба Тафталиџе денес
Иако навидум станува збор за градски четврти со главно доминантна намена домување во индивидуални куќи, во З 06 дел отпаѓа и на станбени згради кои варираат во поглед на нумеричките показатели, долж примарната улична мрежа, за разлика од С 15 каде истата е непроменета и неажурирана.
– Нарушување на воспоставената урбана логика и целина на блокот со девалвирање на ниската станбена структура преку хиперпродукција на планска документација. Носењето на истата пак, подразбира „развој“, односно промена во параметрите за градба, правејќи простор за неправилно зголемување на густината, која од една страна ја нарушува атмосферата на воспоставената урбана матрица, без да понуди решенија, кои ни одблизу нема да генерираат атрибути на одржлива урбана структура.
Во Бутел, општина која изобилува со густа индивидуална станбена структура, со неажурирањето на урбанистичките планови и несинхронизираноста со хиерархиски повисоката планска документација, не само што не се отсликува состојбата на постојниот градежен фонд, туку и нема можност за развој. Со инвентаризација на постојниот градежен фонд се доаѓа до заклучок дека истата ги надминува параметрите за развој, односно се исцрпени просторните можности во целост за планскиот опфат. Поради неможноста за развој и ненавремено менување на урбанистичките планови, граѓаните „креативно“ своето право го остваруваат преку Законот за легализација и Законот за градење и градежно земјиште. Декаденцијата во овој дел се случува со нарушување на просторната логика преку сукцесивно надодавање на помошни објекти, доградби и надградби на основната урбана матрица.
– Несоодветните статистички податоци со актуелниот ГУП, доведоа до неправилно димензионирање на инфраструктурата и проекциите за домување, за периодот од 2012 до 2022 година, што додатно ќе придонесе кон и онака нејасната визија за тоа каде нè води урбанистичката експанзија.
– Доколку ги анализираме нумеричките показатели за постојните развојни зони во предметните градски четврти, ќе заклучиме дека местоположбата игра клучна улога во генерирањето на структурата и типологијата на изграденото, како и во распределбата на намените долж блоковите, диктирајќи го економскиот развој на градската четврт. Во ГЧ 3 06 се забележува дисперзија на намените без посебна просторна логика. Дисперзијата на В намените на пресекот (атрактори) на примарната и секундарната сообраќајна мрежа, е одговорна за активирање на зоната за домување, и за континуираноста на колското и пешачкото движење. Лесната пристапност го детерминира и го прави одреден плански опфат атрактивно место за егзистирање, оттаму и системското зголемување на густината, бидејќи вмрежувањето овозможува лесен и евтин превоз.
Диверзитетот во намените во овој случај е последница на своевиден франкенштајн од:
– постулатите на урбанизмот од минатиот век како главна подлога;
– наслојувањето на легализирани објекти или додатни габарити на постојните објекти;
– нивното задолжително имплементирање во новата планска документација со можност за развој.
– Трансформација на последните зелени џебови преку постапките за денационализација и дооформување на градежно земјиште
– Застапеноста во В намената во З 06 за разлика од С 15 е три пати поголема, иако потребата од површини за институциии во двата градски четврти е подеднаква, со што се акцентира дискриминаторскиот однос на Град Скопје и воопшто заедницата кон северниот дел на градот. Вложување во едукација на корисниците, значи и севкупно унапредување на животниот стандард. За разлика од тоа Градската четврт С15, единствено со концентрација на В намената во еден блок (С15 блок 08), во споредба со 75 ха, генерира еднолична физичка активност и убедливо прераснува во спалната соба на градот, промовирајќи седентарен начин на живот.
– Знајачниот исчекор со ГУП-от од 1965 година за социолошко изедначување на левиот и десниот брег на Вардар, сега единствено оди во насока на уништување на разликите, ама во негативен контекст, преку подеднакво слевање на хаосот.
ИДНИ ПРЕПОРАКИ
– Да се охрабри локалното население за имплементирање на активно приземје во овие блокови и воедно да се избегнува истото на примарната сообраќајна мрежа каде би се генерирал дополнителен метеж.
– Во некоја далечна иднина ќе се јави потребата од реверзибилен процес на еспропријација и национализација на земјиштето поради недостиг од општествени објекти и јавни институции. Додека во случајот со појавата на линиските центри, како посебна метастазирана законска одредба, за да се ублажи ефектот од трајното девастирање на земјиштето и на контекстот. Доколку трајно не се отстранат, да им се даде можност за компатибилни намени, каде ќе бидат имплементирани неопходните намени на заедницата. Премногу оптимистички од моја страна е дека еден ден би можеле да се трансформираат по примерот на урбанистичкиот зафат за Робин Худ Гарденс на архитектите Алисон и Питер Смитсон.
Проектот за Робин Худ Гарденс на Алисон и Питер Смитсон
Линиските центри во Тафталиџе
– Во однос на третманот на девастираното земјиште, во контекст на трагите од индустијализацијата, доколку тенденцијата на идните ГУП-ови оди во насока на дислоцирање на индустријата од централното градско јадро на Скопје, преку директна инволвираност на институциите и граѓаните да се пренаменат согласно со потребите на заедницата.
– Точна статистика за постојната демографска состојба во градот Скопје и тактилните зони, со што со наредниот ГУП пропорционално би се распределиле намените долж социјалната мапа на градот, димензионираната инфраструктура и би се утврдила вистинската „потреба“ од дополнително домување.
– Градската структура не е само производ на мултиплицирање на густо урбано ткаење формирано од периметрални блокови. Градската хомеостаза не се нарушува толку од негативната ентропија од индивидуалните станбени структури, колку од нерамномерен развој, нејасна визија и катастрофална реализација проследена со несинхронизирани закони и долготрајни административни постапки.
Мапа од монтажните бараки низ Скопје
ЗАКЛУЧОЦИ
Не постои едноставна линеарна врска помеѓу урбанизацијата и економскиот раст или помеѓу големината на градот и продуктивноста. Дали потенцијалот на урбанизацијата ќе го промовира растот веројатно ќе зависи од два клучни параметри, транспортната пристапност и инфраструктурната достапност. Во контекст на климатските промени, нестабилните цени на храната и енергијата и глобалните притисоци за намалување на емисиите на јаглерод, од витално значење е да се подобри разбирањето на еколошките последици врз природата предизвикани од неконтролиран економски развој. Поради тоа потребите за концентриран, а не за дисперзиран развој, вклучувајќи локализирано производство на енергија, храна, вода, градежни материјали и многу други добра и ресурси е особено важно. Ова ќе го намали транспортот, ќе ја заштеди употребата на земјиштето, ќе ја подобри ефикасноста и користењето на ресурсите.
Автор: Бојана Палифровска, дипл.инж.арх.