Насловна / Архитектура / Без главна награда на БИМАС 2014

Без главна награда на БИМАС 2014

IMG_7610
Биеналето на македонската архитектура, вчера, ја имаше последната вечер кога беа доделени наградите.

Стручната комисија на годинешното Биенале донесе заклучок никому да не му ја додели наградата Гран при на БИМАС 2014, бидејќи, како што беше истакнато, сите изложени дела поседувале големи индивидуални квалитети, но ниту едно не било на нивото потребно за највисокото признание.

Исто така, не се доделија ниту наградите за реализиран индустриски дизајн и за урбанистички план или проект. Сепак, беа доделни другите награди.

Наградата за реализирана внатрешна архитектура – ентериер им се додели на авторите Максим Наумовски и Оливер Илиевски за проектот Ентериерна реконструкција на управна зграда на ГД „Гранит“ фаза 1.

Од областа на архитектурата наградата им се додели на авторите Љиљана Митровиќ и Горана Митровиќ, консултантите Миодраг Митровиќ и Невена Ѓеорѓиевска заедно со соработниците Иво Антониевиќ, Срѓан Митровиќ и Филип Недевски за проектот Клиничка болница во Штип.

Наградата за проект од областа на дизајнот им се додели на авторите Бранислава Ѓорѓевиќ, Елена Пазарџиевска, Марија Димитриевска и соработникот Стефан Тодоровски за проектот „City box“.

На годинешното Биенале се доделија и две специјални награди. Првата отиде во рацете на авторите Дејан Ивановски и Филип Јовановски со соработниците Димитра Јовановска и Ивана Васева за проектот Монтажна галерија „САС“. Втората специјална награда им се додели на авторите Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Виолета Бакалчев и Никола Стрезовски за објектот Православен храм црква „Свети Илија“ во село Говрлево, Скопје.

Во образложението на жири-комисијата на 17. издание на БИМАС 2014 за доделените награди се истакнуваат следните заклучоци:

1. Голема награда (Grand Prix) на БИМАС не се доделува.

Образложение: Комисијата изврши детален стручен увид во селектираните и презентирани трудови во категоријата архитектонски реализации, констатирајќи несомнени поединечни квалитети кај секој од нив. Но, сепак не успеа да одвои труд кој во себе имплицира комплекс од карактеристики важни не само за развој на архитектурата и архитектонската струка на овие простори туку и вредности важни за потесната и поширока општествена заедница како директни или индиректни корисници на производите на градбените процеси.

2. Награда за реализирана внатрешна архитектура – ентериер се доделува на авторите Максим Наумовски и Оливер Илиевски, за Ентериерна реконструкција на управната зграда на ГД Гранит АД во Скопје.

Образложение: Со ентериерната организација и опременост на административниот простор во управната зграда на ГД Гранит, авторите демонстрираат конзистентност и недвосмисленост на архитектонскиот јазик креирајќи впечатлив творечки израз со комбинација на минимален број на елементи. Просторот е ефикасен и флексибилен нудејќи можности на мобилни работни места адаптибилни кон потребите на организациската структура на компанијата и во голема мера почитувајќи ја постојната архитектонска структура на објектот.

3. Награда за реализиран индустриски дизајн не се доделува поради одсуство од творби со карактеристики на индустриски дизајн.

4. Награда за урбанистички план или проект не се доделува поради одсуство на трудови од оваа категорија.

5. Награда за проект од областа на архитектурата им се доделува на авторите Љиљана Митровиќ и Горана Митровиќ, и соработниците: Иво Антонијевиќ, Срѓан Митровиќ и Филип Недевски, како и на консултантите Миодраг Митровиќ и Невенка Георѓиевска, за проектот за Клиничка болница Штип.

Образложение: Проектот за Клиничка болница Штип се карактеризира со ефикасно функционално решение на обемната и сложена проектна програма за решавање на ваква комплексна проектна задача, која во случајов обединува терцијално здравство и високо образование во еден мега-блок од 33.000 м2. Решавањето на поставениот архитектонски проблем додатно е усложнет од една страна со потребата од инкорпорирање на веќе постоечките болнички објекти и простори од кои добар дел се ад-хок изведувани низ подолг временски период. Во тој контекст објектот во себе успешно ги `вдомува` истите во една функционална, просторно конструктивна и естетска целина. Од друга страна, неповолната конфигурација на теренот предвиден за изградба на Клиничкиот комплекс, е третирана како предност при решавање на истиот. Сето тоа проектантите со голема вештина и знаење го разрешуваат низ рационално функционално решение во сложена технолошка целина, обликувана со современ архитектонски израз третирајќи и некои од аспектите на енергетска ефикасност.

6. Награда за проект од областа на дизајнот им се доделува на авторите Бранислава Ѓорѓевиќ, Елена Пазарџиевска, Марија Димитриевска и соработникот Стефан Тодоровски, за проектот CITY BOX – повеќенаменски градски киоск.

Образложение: „Градската кутија“ се карактеризира со функционална и манипулативна едноставност и ефикасност презентирана преку современа обликувана појава променлива низ смената на денот и ноќта како и низ работната состојба отворено-затворено. Ваквиот дизајн на “urban gadget” придонесува кон развивање на плуралноста и хетерогеноста на јавниот простор во современиот град кој е динамичен и во постојана трансформација на својата агрегатна состојба – статична, флексибилна, виртуелна, конкретна. Киоскот е обликуван со навиките, симболиката и иконографијата на технолошкото општество, со што станува вообичаен и неопходен за градот на 21 век.

7. Специјална награда им се доделува на авторите Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Никола Стрезовски и Виолета Бакалчев, за реализираниот проект за православниот храм црква Св.Илија во с. Говрлево, Скопско.

Образложение: Делото се наградува поради суптилноста на градбениот чин кој се одликува со комплексност на односите и процесите во него при што се преплетуваат желбите и можностите на инвеститорот со креативноста и стручноста на архитектите. Комисијата ги апострофира овие односи и процеси како парадигматични при што резултатот е евидентен – прифатлив објект кој директно ги задоволува потребите и желбите на конкретната локална заедница низ кој се препознаваат и афирмираат нејзините вредности. При тоа архитектот е медијатор, поттикнувач и подржувач на автентичните процеси кои се случуваат во нашето општество и кои имаат капацитет да ги вратат вистинските вредности во просторот во кој живееме. Ова е доказ дека ние како заедница можеме да ги вратиме вистинските вредности во нашите градови само ако ја откриеме моќта на соработка на различните граѓански групи и внимателно ја развиваме создавајќи архитектура исполнета со смисла и значење и материјализирана низ одржлива форма.

8. Специјална награда на БИМАС им се доделува на авторите Дејан Ивановски и Филип Јовановски со соработниците Димитра Јовановска и Ивана Васева, за објектот Монтажна галерија „Центар за современи уметности“ (CAC).

Образложение: Идејата за постоењето на паралелните светови, која провејува низ ова биенале, сигурно наоѓа поткрепа токму во овој концептуален објект – монтажна галерија како единствено можно прибежиште на современата уметност и архитектура настрана од се поагресивните влијанија на другите формални центри на општеството. Објектот de facto е скок во „друга, паралелна димензија“, но таа е тука и е присутна и доследно ја пренесува пораката дека само идејата може да е голема или мала, а не и физичките објекти. Дизајнот за галеријата на Центарот за современи уметности овозможува флексибилни и повеќенаменски просторни модификации кои заедно со примената на ефикасни и евтини конструктивни и монтажни решенија максимално ја исполнуваат замислата за подвижна галерија, која има за цел да отвори нови алтернативни простори за уметничката и креативната мисла и да ја динамизира улогата на јавниот простор како место за средба на различните социјални заедници.

Испрати коментар

Scroll To Top