Од 21 до 24 мај 2014 година, во Охрид ќе се одржи 7. Централно eвропски конгрес за храна – CEFood во организација на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ од Скопје. Овој Конгрес се одвива под покровителство на Европската федерација за науки и технологии во храната (EFFoST) и Меѓународната унија за науки и технологии во храната (IUFoST), а во соработка со: Eвропската групација за хигиенско инженерство и дизајн (EHEDG), Иницијативата за глобална хармонизација (GHI), Меѓународниот институт за разладување (IIR) и Eвропската асоцијација за хемиски и молекуларни науки (EuCheMS).
Според организаторите, на Конгресот ќе присуствуваат повеќе од 300 научници, истражувачи, професионалци, компании, владини и невладини организации, консултанти и индивидуалци кои работат во областите на: производство и преработка на храна, квалитет и безбедност на храна, исхрана, хигиенско инженерство и дизајн, иновативни технологии, нови трендови во прехранбената индустрија, од Европа и од целиот свет.
Насловот на овогодишниот Конгрес е „Интеграција на синџирот на храна“, а како теми се набројуваат: Состојки и адитиви во храната, Структура на храната, Производство на храна, Прехранбено инженерство, Преработка на храна и Одржливост, Анализа на храна, Микробиологија, Хемија и биохемија на храна, Квалитет и безбедност на храна; Хигиенско инженерство и дизајн (машини, опрема, проектирање и изведба на објекти, материјали, средства за хигиена и санитација), Пакување на храна и рок на траење, Дизајн на прехранбени производи; Ладење и замрзнување на храна, Ладилен синџир; Биотехнологија, Нови биопроизводи, Функционална храна; Потрошувачи, Здравство, Нутриционизам и Сензорни својства на храна; Традиционална храна, Заштита на прехранбени производи…
Исто така, меѓу останатите настани, на Конгресот ќе има и две сесии кои ќе бидат посветени на Брокерски настани (тете-а-тете) состаноци помеѓу научни организации/истражувачки институции/компании/индивидуалци, а со цел да се воспостави бизнис соработка, да се создадат нови конзорциуми и партнерства за аплицирање на HORIZON 2020, Leonardo da Vinci и други ЕУ финансирани програми, како и за вмрежување.
На настанот ќе има и доделување на разни видови награди на учесниците за најдобри трудови, апстракти, постери поврзани со темите за пакување на храна, складирање, ладење и рок на траење на производи.