Минатата седмица, на церемонија во Гренобл, Франција, беа прогласени победниците на European Green Capital and Leaf 2024 Awards. Шпанскиот град Валенсија е прогласен за European Green Capital за 2024 година, а епитетот European Green Leaf за 2024 година, заеднички го делат Елсинор од Данска и Велење од Словенија.
Валенсија за заслужи титулата со минатите и актуелни постигнувања на полето на одржливиот туризам, климатската неутралност, како и праведната и инклузивна зелена транзиција. 97% од градската популација живее на оддалеченост до максимум 300 метри од зелените урбани области. Градот исто така има докажана посветеност во подобрувањето на квалитетот на воздухот и зачувување на екосистемите. Валенсија исто така стимулира поздраво, одржливо и инклузивно производство на храна преку т.н Neighbourhood and Food Programme”.
Данскиот град Елсинор го ублажува влијанието од тековната енергетска криза со поинтензивна енергетска реконструкција на објектите и премин на други извори на загревање. Реконструиран е системот за канализација со цел издвојување на дождовницата од отпадните води. Нивното мото е sharing is caring, а граѓаните и локалните бизниси се активно вклучени во постигнувањето на зелената транзиција.
Словенечкиот град Велење има одлични резултати во проектите и активностите поврзани со напуштањето на јагленот (Во Велење има рудник за јаглен со јамска експлоатација), преку отворање на нови можности за вработување во секторот на зелени работни места. Нивното мото е from black to green & bright. Исто така, Велење е еден од првите градови во Словенија кој има воспоставен систем за одвојување на отпадот и интензивно работи на подобрување на управувањето со отпадот.
Наградите имаат и паричен дел. Валенсија добива 600.000 евра за поддршка во имплементирањето на мерките за подобрување на одржливоста, додека Елсинор и Велење добиваат по 200.000 евра.