Архитектонското биро MAD Architects го потпишува проектот за кривулест бетонски стадион кој личи на масивен кратер, конструиран под земја и покриен со кровови од трева.
Замислен како „парче lend art“, стадионот со вкупна површина од 33.731 квадратни метри ќе има капацитет од 30.000 места, а трибините ќе бидат малку брановидни за да го следат околниот пејзаж.
СЕДИШТАТА И НАСТРЕШНИЦАТА ВО КОНТРАСТ
Седиштата предвидени во различни нијанси на зелена боја упатуваат на пејзажот на околните ридови, а проектирани се и да бидат во контраст со белата настрешница на стадионот, пишува Dezeen.
Стадионот се наоѓа во кинескиот град Quzhou, на околу 400 километри југозападно од Шангај, а неговата локација е во центарот на спортскиот парк Quzhou, кој во моментов е во изградба и се планира да се простира на околу 700.000 квадратни метри.
Иако е делумно вкопан во земја, обликот на стадионот е создаден во однос на планинскиот гребен што може да се види од локацијата.
Стадионот Quzhou има закосена фасада со девет влеза, а за структурата да изгледа токму така применети се 60 бетонски столбови.
MAD ги проектирале влезовите во објектот со двојно закривени површини кои, како што велат архитектите, изгледаат како да се „движат како морски бранови“, додека ѕидовите се направени од текстурирани бетонски плочи.
ПОВЕЌЕТО ПРАТЕЧКИ СОДРЖИНИ СЕ ПОД ЗЕМЈА
Долната страна на стадионот е обвиткана со тефлонска мембрана PTFE од синтетички полимер со микроперфорации кои делумно ја пропуштаат светлина и помагаат за подобрување на акустиката, додека горната страна е обложена со поцврста PTFE мембрана, која е отпорна на различни временски услови.
Настрешницата е изработена од самоносечка челична конструкција. Арената и трибините на стадионот се организирани над земја, но повеќето пратечки содржини се подземни. Стадионот е проектиран да „апсорбира, складира и инфилтрира дождовница“.
„MAD Architects верува дека стадионот претставува не само динамичен парковски простор во близина на урбаниот центар на градот кој е погоден за спорт и рекреација, туку и можност да се создаде духовна врска помеѓу луѓето и природата. Стадионот е замислен како парче lend art што се внурнува во природата и ги повикува сите да се соберат и да го споделат духот на спортскиот дух“, велат од бирото.
Стадионот Quzhou е првата завршена фаза од изградбата на спортскиот парк Quzhou, кој ќе се гради во две фази, а ќе има и фискултурна сала со 10.000 мест, музеј на наука и технологија, нататориум со 2.000 места, хотели, младински центар и разни малопродажни објекти.