Во земјите од Европската унија, повеќе храна се фрла отколку што се увезува, а тоа директно и штети на прехрамбената сигурност во ЕУ во екот на кризата и поскапувањето на трошоците на живот. Ова се истакнува во новиот извештај No time to waste, на организацијата Feedback EU. Во државите членки годишно се фрлаат 153,5 милиони тони храна, а тој отпад од храна предизвикува наjмалку 6% од вкупните емисии на стакленички гасови во ЕУ.
Околу 20% од произведената храна во ЕУ, завршува во отпад. Количината на фрлена пченица во ЕУ е еквивалентна на приближно половина од украинскиот извоз на пченица, се вели во извештајот. Според податоците на Eurostat, 33 милиони европски граѓани не можат да си дозволат квалитетен оброк секој втор ден. Извештајот проценува дека 89,8 милиони тони отпад од храна се јавува во примарното производство, додека во домаќинствата во ЕУ се фрлаат околу 32,5 милиони тони. Во „услугите за исхрана“, односно рестораните и киосците за брза храна, се фрлаат околу 10,5 милиони тони, а во големопродажба и малопродажба 5,3 милиони тони храна. Доколку би се преполовила количината на храна која се фрла во ЕУ до 2030 година, би можело да се заштеди 4,7 милиони хектари замјоделско земјиште.
Земјите од ЕУ во текот на 2021 година увезле 138 милиони тони земјоделски производи, што вкупно чинело околу 150 милијарди евра. Се проценува дека отпадот од храна ги чини компаниите и домаќинствата 143 милијарди евра годишно. По повод овие скандалозни наводи за количините на отпад од храна, меѓународно движење кое го сочинуваат 43 организации од 20 европски земји, објави заедничко соопштение. Организациите ја повикуваат ЕУ да воведе правно обврзувачки цели за сите земји членки, со цел да се намали отпадот во целиот ланец на снабдување, „од фарма до трпеза“, за 50% до 2030 година.
Фрлањето на храната е и итен климатски проблем. Отпадот од храна предизвикувва емисии на метан, гас кој задржува 100 пати повеќе топлина во атмосферата отколку јаглерод диоксидот, во период од 5 години, и 72 пати повеќе во период од 20 години. Европската комисија треба да донесе предлог за правно обврзувачки цели за фрлање на храната за замјите членки на ЕУ до крај на годината. Доколку биде усвоен, ова ќе биде прв закон од ваков вид во светот. Ревизијата на Рамковнста директива за отпад од 2018 година, воведе законска обврска за земјите членки на ЕУ да го мерат отпадот од храна од 2020 година, и за тоа да ја известуваат Европската комисија.