Дебатата „Паралелни светови“ ќе се одржи вечерва во 19.30 часот во Музејот на град Скопје. Насочена е токму кон професионалните проблеми на архитектите во Македонија и на архитектурата воопшто. Во претходните години многу се пишуваше и многу се говореше за архитектурата. Но, сето тоа беше ограничено на една тема: проектот „Скопје 2014“.
За жал, многу малку е зборувано за проблемите со кои секојдневно се соочуваат архитектите во Македонија. Овие проблеми не се ограничени само на нас како архитекти туку тие последователно влијаат и врз квалитетот на изградениот простор. Без дефинирани принципи и стандарди во архитектурата, ниеден поединец, архитект, не може да се занимава достојно и професионално со сопствената професија без разлика дали таа била проектант, професор, урбанист, надзор, референт или критичар.
Свои воведни излагања ќе имаат архитектите проф. Мартин Гулевски, Дејан Ивановски и Мартин Пановски.