Заслепувачка бела боја и извонредна геометрија како бел скапоцен камен, и носат на оваа модерна медитеранска куќа спектакуларен изглед. Чистите линии и извонредно одмерениот сооднос на ѕидови и големите стаклени површини создаваат вистинско мало уметничко дело со многу елеганција.
Семејната куќа „Breeze“ веќе собра симпатии низ целиот свет и е уште еден во низата импресивни проекти кои непогрешливо укажуваат на беспрекорниот стил на шпанското биро „Fran Silvestre Arquitectos“.
Сместена во главниот град на покраината Кастељон, блескаво белата куќа е наменета за пар кој откако живеел во централна Европа решил да се врати на Медитеранот и да ужива во благодетите на местото каде што летувале во текот на своето детството.
Инспирирани од вилите од минатиот век кои се карактеристични за градот Кастељон де ла Плана, архитектите од шпанското биро употребиле елементи од околните куќи, како огради и тремови, и ги реинтерпретирале во дизајнот на куќата „Breeze“.
Вилата е препознатлива по два правоаголни волумена кои се сечат и го формираат геометрискиот простор на куќата. И двата волумена функционираат и како покриени тераси кои се позиционирани веднаш над нивото на улицата. Димензиите на овие тремови обезбедуваат соодветна заштита на внатрешноста на куќата од сончевите зраци и поголема приватност на главната просторија, но овозможуваат и непречен поглед кон градината.
Малите декоративни детали, како што се решетките што ја формираат оградата кон улицата, вешто се искористени за да го надополнат суптилниот и минимален дизајн на куќата и се целосно прилагодени на базичниот амбиент.
МОРСКА ХАРМОНИЈА
Во текот на летните вечери посебен шарм носи спектакуларната тераса на кровот од која се пружа прекрасен поглед на дворот, небото и морето, од каде често доаѓа благ и пријатен ветер. Токму синилото на небото и морето, блескаво белата боја на оваа вила ја прават уште повпечатлива и поатрактивна, бидејќи сино-белиот амбиент носи посебно чувство кое асоцира на морска идила и медитерански куќи.
Ентериерот на куќата, потпишан од архитектот Alfaro Hofmann, исто така го го карактеризираат јасни и прецизни линии, доминантно бела боја и минималистички стил на опремање.
Вкрстено поставените волумени ја формираат внатрешноста на куќата, која се протега на едно ниво, како и две покриени тераси на различни висини. Стаклените врати со голем формат обезбедуваат речиси невидлив премин од ентериерот во екстериерот на куќата.
Во секоја просторија се чуствуваат модернизам, просторност и транспарентност како три основни елементи. Совршено функционално решена кујна дискретно ја дели дневната соба на два дела, без да го попречува прекрасниот поглед низ стаклена површина долж целата ширина на куќата.
Дизајнот на бањите и спалните соби доследно ја нагласува доминантната бела боја и минималистичкиот стил, кои на ентериерот на куќата „Breeze“ му даваат безвременски модерен изглед. Функционално опремениот ентериер без излишни детали придонесува за чувство на свежина и транспарентност дури и во малите простории.
Ентериерот е облеан во природна светлина, длабоките тераси не го попречуваат погледот на дворот, а во исто време и обезбедуваат на оваа модерна еднокатна куќа премин кон градината без никакви бариери.
Основата на куќата сведочи за јасната и логична поделба на куќата на отворена зона за дневни активности и ноќна зона, каде секој има своја приватност.
ШПАНСКА ЕЛЕГАНЦИЈА
Заслепувачката бела боја и дава на куќата спектакуларен изглед, што и е една од целите на проектантите. Белата боја е свесно избрана на самиот почеток, бидејќи создава атмосфера на јасност и сјај во екстериерот и ентериерот, како и совршен амбиент за опуштање, што се чувствува во секој агол од овој објект. Чистите односи на полн бетон и стаклени отвори на оваа вила создаваат вистинско мало уметничко дело со медитеранска елеганција.
Иако овој начин на градба бара многу грижа и внимание за да се одржи сегашниот изглед на објектот, целокупниот амбиент е многу удобен, а целиот проект е многу функционален. Чистите линии, добро одмерениот сооднос на бели ѕидови и стаклени отвори, атрактивниот изглед и исклучително пријатниот амбиент создадоа од овој проект уште еден репрезентативен дом на шпанското биро и дефинитивно уште еден одличен објект на Медитеранот.