Градежништвото е еден од најголемите извори на стакленички гасови, па пронаоѓањето на нови амтеријали и еколошки прифатливи методи е неопходно. Истражувачите од Универзитетот Флиндерс, развиле нов вид на полимер, направен од индустриски отпад, од кој можат да се формираат тули кои се спојуваат без употреба на малтер.
Бетонот има бројни намени, но само производството на цемент е одговорно за дури 8% од сите емисии на стакленички гасови глобално. Овој огромен јаглероден отпечаток би можел да се намали со примена на отпадни материјали како дрво или стари гуми во мешавината, како и користење на различни врзивни материјали и развој на алтернативни материјали. Полимерот од кој се изработени споменатите тули е добиен со мешање на сулфур со различен соодос на масло од репка и дициклопентадиен (DCPD). Сулфурот и DCPD се нуспроизводи од преработката на нафта кои сега завршуваат како отпад. Полимерот се загрева, се обликува и кога ќе зацврсне настануваат тулите, при што во целокупниот процес се троши многу помала количина на енергија од онаа во производството на цемент. Она што е најинтерсно е начинот на кој овие тули се држат заедно, без потреба од било какво средство за врзување. Тие се лесни, отпорни на вода, киселина и временски услови, дури и повеќе од конвенционалните. Во други испитувања, кон материјалот се додадени јаглеродни влакна, па така направените тули биле дури 16 пати појаки. Секако, неопходни се понатамошни истражувања, и тимот од Универзитетот соработува со Clean Earth Technologies со цел да се овозможи потенцијална комерцијализација. Истражувањето е објавено во часописот Macromolecular Chemistry and Physics.