Бројните растенија и полираните метални скалила го разубавуваат просторот на влезната зграда и повеќекатниот паркинг на MoLo, дел од новиот дистрикт во близина на Милано. Проектот е дело на кинеското студио MAD. MoLo, скратеница од Mobility and Logistic hub, ќе биде изграден на западната граница на Иновацискиот дистрикт на Милано (MIND) – квартот посветен на „најсовремените научни истражувања и образованието, бизнисот и објектите за слободно време“. Зградата од 68.900 квадратни метри, покрај MAD ја проектираат и локалниот архитект Andrea Nonni, Open Project и инженерската компанија Progec.
Изградбата започнува во септември, а ќе биде обезбеден образовен простор посветен на мобилноста, како и капија и паркинг за посетителите кои го истражуваат квартот. „Го прикажавме комплексот нa монументалната капија. MoLo е проектиран да биде влез и простор за едукација за прашања поврзани со мобилноста, а во кој посетителите можат да ги остават своите автомобили, пешки да го истражат квартот и лично да ја видат иновативната технологија во областа на сообраќајот“, велат од MAD. Овој седумкатен комплекс ќе биде висок 28,5 метри и долг 170 метри, и ќе има паркинг на пет ката за 1.500 возила. MoLo ќе има 3.000 квадратни метри деловен простор на приземјето, а премин од отворен тип ќе го пресекува приземјето и ќе минува низ центарот на зградата. MAD истакнува дека овој коридор има за цел воспоставување на врска со блискиот парк Rho-Arese и „замаглување на границата помеѓу надворешноста и внатрешноста“. Со цел да се постигне уште една врска со соседниот парк, градбата ќе изобилува со зеленило.