Насловна / Вести / Не само зелена, туку и дигитална транзиција како предуслов за конкурентна економија

Не само зелена, туку и дигитална транзиција како предуслов за конкурентна економија

Зелените технологии и дигитализацијата се тесно поврзани и значително ќе влијаат на квалитетот на животот на граѓаните во наредните децении. Тие не можат да се развиваат самостојно, односно независно едни од други. Дигиталните технологии имаат главна улога во овозможувањето полесно, поевтино и попријатно прифаќање производи и услуги со нула емисии. Во исто време, зголемената побарувачка за енергетски интензивни дигитални уреди, проширувањето на центрите за податоци, cloud услугите и зголемените барања за критични суровини ќе имаат значителни влијанија врз климата.

Forside Tech Trends

Веќе сведочиме за огромниот апетит за податоци во реално или речиси во реално време, што доведува до зголемување на барањата за обработка и анализа на податоците. Во тој контекст, IDC (International Data Corporation) предвидува дека до 2025 година, речиси 30 % од глобалните податоци ќе бидат во реално време. Паралелно со зголемениот број на податоци, и соодветните алатки за нивна трансформација во корисни производи и услуги стануваат сè пософистицирани.

Glossy_3-Maintenance-tablet_resize

СЕРИОЗЕН ПРЕДИЗВИК ЗА ГРАДСКИТЕ ВЛАСТИ

Овие трендови веќе го трансформираат животот на граѓаните и ќе продолжат да го прават тоа. Локалните власти ќе треба да бидат во првите редови во водењето и усогласувањето на дигиталната и зелената транзиција, бидејќи токму тие се најблиску до граѓаните. Придобивките се повеќекратни – од обезбедување подобар јавен превоз и е-мобилност до овозможување на локалните власти да прават поефикасно распоредување на ресурсите. Секако, ова ќе биде сериозен предизвик за градските власти. Ќе бара силно лидерство во комбинација со култура на учење и иновации, како и постојан фокус на разбирање на потребите на граѓаните. Климатски неутралните градови во иднината ќе бидат возможни со помош на нова дигитализирана, транспортна и енергетска инфраструктура и транзиција кон циркуларна економија, што е поттикната од поголема достапност на податоци. Сите проекти за надградба на инфраструктурата – дигитална, транспорт, отпад, енергија и згради – мора да бидат конзистентни со зелената и дигиталната транзиција.

digital-economy-europe-1280x720_resize

Однесувањето на граѓаните неизбежно ќе се промени во текот на следните децении во согласност со нивните потреби и желби кои постојано се развиваат. Предизвикот е да се истражи како зелените и дигиталните решенија може да се усогласат за да ги подобрат нивните животи. Дигиталните платформи може да обезбедат пристап до широк спектар на производи и услуги, овозможувајќи брза реакција и дефинирање патека до испорака. Ова ги минимизира трошоците, времето и ресурсите. Ваквите платформи може да им олеснат на луѓето да избираат производи и услуги со нула емисии во сите аспекти од нивниот живот (транспорт, пазарење основни намирници, греење, отпад итн.). Дигиталните решенија им овозможуваат на градските власти да допрат до повеќе луѓе и овозможуваат поголема транспарентност. На пример, тие да  бидат искористени за вклучување на граѓаните и другите засегнати страни во јавните консултации за енергија, зелени згради, транспорт итн.

eesc_op_ed-800x450_resize

Активната улога на малите и средни претпријатија (МСП) во овие процеси е многу важна. Но, за жал поголемиот дел од МСП во Македонија не се свесни за можностите од зелената и дигиталната трансформација. Според Европската инвестициска банка, речиси 2/3 од МСП во Македонија не ја препознаваат енергетската ефикасност како приоритет за заштеда и оптимизација, додека повеќето од нив користат само фрагментирана дигитализација на постојните процеси. Економскиот инвестициски план (ЕИП) за Западен Балкан е добра можност за зелена и дигитална трансформација. Распоредувањето на ултрабрз широкопојасен интернет, со цел да се обезбеди универзален пристап, развој на дигитални вештини и подобрување на кибербезбедноста, се меѓу клучните приоритети на Дигиталната агенда за Западен Балкан. Воспоставувањето и развојот на иновативни и технолошки паркови би можело да биде солиден пристап, со специфичен фокус на стартап компании кои се ориентирани кон целосен развој на производи (како технологии за адитивно производство), наместо да создаваат само софтверски апликации и услуги.

04_resize

КОМПАНИИТЕ МОРА ДА СЕ ПРИСПОСОБАТ ЗА ДА СЕ НАТПРЕВАРУВААТ

Но, како да се обезбеди сеопфатен пристап и инклузивност во спроведувањето на паралелната зелена и дигитална транзиција? Пред сè, важно е да се истакне дека дигиталната и зелената трансформација е континуиран процес – патување, а не дестинација. Во однос на распоредувањето во сите сектори и засегнати страни, оваа трансформација ги таргетира основните столбови за одржливост, но приоритетните сектори треба да се идентификуваат врз основа на соодветните метрики преку клучни индикатори на перформанси – каков ќе биде резултатот од одредени мерки, кој проект ќе донесе најголема додадена вредност итн. Оттука, несомнено е дека енергетскиот сектор има огромен потенцијал и кога станува збор за зелена трансформација и дигитализација. Во поглед на создавање одржлив енергетски систем, новите пазарни модели и технологии бараат многу повеќе од  енергетските претпријатија, вклучително и значително поголема флексибилност. Во времето кога биле изградени големите енергетски системи, главните критериуми биле доверливост и расположливост – а не флексибилност и интеграција на податоци. Денес сликата е многу поинаква.

00_resize

Компаниите мора да се приспособат за да се натпреваруваат на динамичниот отворен пазар. Дигиталната трансформација, соработката, усогласеноста, управувањето со трошоците и конкуренцијата бараат првенствено флексибилност. Либерализацијата неодминливо ги трансформира претпријатијата во комерцијални играчи со брзо дејство. Подобрената оптимизација на распределбата на ресурсите и искористувањето на средствата е исто така важен услов. Генерално, процесот на дигитализација на компаниите, паралелно со имплементацијата на принципите на зелената економија, води кон раст на приходите, раст на профитот, подобри стапки на продуктивност и поттикнува иновации. Развојот на зелените индустриски зони е исто така цврста основа за декарбонизација на индустријата, одржливост и дигитализација. Тоа е во тесна врска со создавање зелени работни места, иновации и истражувања, кои не само што ќе го намалат загадувањето, туку ќе ѝ донесат додадена вредност на националната економија. Изградбата и функционирањето на овие зони се сметаат за јавен интерес и имаат државна поддршка во однос на даноците, стимулации за вработување итн. Развојот на интелигентни транспортни системи и мултимодалниот транспорт е исто така значаен сектор за поттикнување зелена и дигитална трансформација.

03_resize

ГЛАВНИОТ ПРОБЛЕМ НА ЗАКОНОДАВСТВОТО Е НЕГОВАТА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА

Иако важноста на зелената и дигиталната трансформација е препознаена од креаторите на политиките кај нас, сепак тоа е недоволно и потребни се дополнителни напори за поттикнување и нивна распределба кон сектори и процеси кои ќе резултираат со поголема додадена вредност. Недостига интегриран пристап и силна политичка волја, административен капацитет и приоритети во инвестициите. Понатаму, нема доволно развиени механизми за спроведување на политиките и нема задоволитена институционална поставеност за зелена и дигитална промоција и имплементација. Генерално кај нас, главниот проблем на законодавството е неговата имплементација, дури и во случаи кога е извршено усогласување на законодавството со ЕУ и е дадена техничка помош за градење на капацитетите на институциите кои го спроведуваат.

6263d98076c2fc63c2881796_0x0 (1)_resize

За жал, клучните национални стратешки документи недоволно ја препознаваат дигитализацијата како двигател за економски раст. Академската заедница треба повеќе да биде вклучена во стратешкото одлучување. Соработката со граѓанските организации е важна за легитимноста на политиките и нивното јавно прифаќање, додека бизнис-секторот треба да покаже повисоко ниво на општествена корпоративна одговорност во однос на овие процеси. Експертските мислења треба повеќе да се вреднуваат преку инкорпорирање на научните истражувања и наодите од нив во релевантните политики и стратешки документи. За волја на вистината, и на ниво на ЕУ иако оваа „двојна транзиција“ често е во центарот на политичките иницијативи, недостасува детален патоказ за тоа како конкретните активности ќе бидат усогласени и имплементирани. На пример, ЕУ често ги нагласува податоците и вештачката интелигенција (AI) како критични овозможувачи за постигнување на целите на Европскиот зелен договор, но без детали како да влијае врз нив на начин што ќе ја забрза транзицијата.

global_innovation_index_2021_cover_a_1920_resize

Според глобалниот индекс за иновацции (Global innovation Index 2021), Македонија е рангирана на 59-то место од 132 земји (во регионот само Албанија и Босна и Херцеговина се полошо рангирани). Бидејќи одговорностите за политиката за иновации се споделуваат меѓу различни институции се очекува институционалните механизми да обезбедат кохерентен пристап и ефективна координација на политиките. Технолошките паркови, стартап компаниите и универзитетите несомнено треба да бидат лидери во развивањето иновативни решенија и производи и генератор на оваа двојна (зелена и дигитална) транзиција. И на крајот, но не помалку важно – спречување на одливот на професионалци од нашата средина. Денес Македонија може да се пофали дека и во Србија и во Словенија, водечките луѓе задолжени за дигитална трансформација се Македонки (Марта Арсовска-Томовска и Емилија Стојменова-Дух), но разочарува фактот дека не останале да работат на овие процеси кај нас. А во услови кога медиокритетот е мејнстрим, повеќе и подобро од 59-то место според иновативноста, веројатно и не може и да се очекува.

02_resize

Испрати коментар

Scroll To Top