Шпанската мултинационална електроенергетска компанија Iberdrola, ја пушти во работа најголемата соларна електрана во Европа, чиј инсталиран капацитет е 590 MW. Постројката Francisco Pizarro, во која се вложени над 300 милиони евра, се наоѓа во регионот Екстрамадура во западниот дел на Шпанија. Iberdrola соопшти дека електраната има 1,5 милиони фотонапонски модули и дека ќе произведува електрична енергија доволна за снабдување на над 334.000 домаќинства. Нејзината работа ќе овозможи редукција на 150.000 тони CO2 годишно. Електричната енергија произведена во оваа електрана ќе се продава преку долгорочни договори (PPA) со големи мултинационални корпорации – Danone, Bayer и PepsiCo – за снабдување на нивните центри во Шпанија.
Iberdrola има вкупно 19,3 GW инсталирана моќност во електрани од обновливи извори на енергија ширум светот, а планира тој капацитет да го зголеми на 25 GW во наредните години. Оваа најнова електрана е нејзината најголема соларна постројка во светот. Пред пуштањето во работа на електраната Francisco Pizarro, најголемата соларна електрана во Европа беше Núñez de Balboa со 500 MW, исто така во Шпанија.