Германскиот државен железнички оператор Deutsche Bahn (DB) планира локомотивите на меѓуградските линии кои користат дизел, да ги префрли на горива произведени на климатски неутрален начин, односно без емисии на CO2. Имајќи предвид дека најголемиот дел од германската железничка мрежа е електрифицирана, брзите дизелски возови на DB, сообраќаат на само неколку линии во централна и јужна Германија.
„До 2025 година и последните 2% од меѓуградските линии на кои возат локомотиви на дизел, ќе се префрлат на биогориво, со што ќе дадеме уште еден пример за заштита на климата“, рекла Stefanie Berk, раководител на маркетингот во DB. Биогоривата, како што е хидротретираното растително масло (HVO), се соодветни за постарите докажани локомотиви во флотата без потреба од скапа реконструкција. Биогоривото за флотата на DB, е произведено исклучиво од биолошки остатоци и отпадни материјали. Не се користи дополнително одгледувана биомаса и нема конкуренција за производството на храна и сточна храна. Претходно, еколошките активисти протестираа против употребата на житарици и други вредни извори за производство на биогорива, а не за помош на оние делови од Планетата каде се умира од глад.