Кина и Кенија потпишаа договор за финансирање на проектот за изградба на железничка пруга која би требало да поврзе повеќе земји од Источна Африка. Пругата би ги споила Момбаса и Најроби и на тој начин да ја замени теснолинејката изградена пред повеќе од 100 години, за време на британското колонијално владеење.
Кина ќе финансира 90 отсто од трошоците во износ од 3,8 милијарди долари, а работата на изградбата ќе ја вршат кинески претпријатија. Главен изведувач ќе биде оддел од кинеската компанија „China Communications Construction“. Се очекува градежните работи да почнат во октомври годинава, а целата пруга, долга 610 километри, да биде завршена на почетокот на 2018 година.
Во следната фаза пругата би требало да продолжи преку Уганда и Руанда до Јужен Судан.